По низата лаги и деманти, опозицискиот лидер повторно фатен во лага. Поминаа и три дена од неговата „бомба“, а владата не си даде оставка. Оставка си даде само јавноста, и тоа оставка од очекувањата од „бомбата“. Но мачењето на истата таа јавност со која македонската опозиција, очигледно и јасно си подигрува, продолжува со несмален интензитет. По речиси половина година најави за „бомбата“, лидерот, предизвикан од премиерот Груевски, конечно се охрабри и ја детонираше својата предимензионирана експлозивна направа. Верувале или не, тоа го направи почнувајќи со сопствен разговор со новинарка, и тоа за интервју, кое потоа излегло во етерот. Првиот коментар на секој лаик беше – па сам се снимал де, што прави драма?! Ако денот се познава по утрото, опозицијата ја чека еден долг, здодевен ден, по кој ќе мора да почне да работи нешто сериозно, но надвор од политиката. Независно, што и да објават следните еден и пол месец, првиот впечаток беше катастрофален, а сите светски стручњаци за јавно мислење ќе ви кажат дека тој е најбитниот. Засега, единствено блиско до бомба е звукот тик-так, тик-так, кој е во знак на одбројување на деновите на политичката кариера на врхушката на СДСМ. Едно е сигурно, ги очекува и доживотен потсмев при секоја истрелана петарда за Нова година… Како и да е, опозицијата повторно ги изненади граѓаните. Непријатно, се разбира. По првичниот дебакл, сите со неверување ја дочекаа информацијата дека „бомбата“ ќе се „пука“ на 15-16 рати, на секои три дена. Дури и така, математиката вели дека на секоја конференција за печат би требало да објават по просечно 1.250 разговори, за да ги пренесат сите 20.000 разговори што тврдат дека ги имаат. Со тоа предвидено темпо, наметнатата агонија со подигрување со јавноста ќе трае уште најмалку еден и пол месец. Резултатите ќе следуваат, а требаше да ги има за три дена, нели? Или, барем, така вети Заев…
Нова Ресавска школа: политичко дејствување со репризи од минатото
Сѐ на сѐ, изминатата недела се изнагледавме репризи од македонската политичка историја. Сите потези на опозициските стратези беа едно големо дежави. Очигледно, во напливот на сетилноблокирачката безидејност, која одамна го преплави седиштето на „Павел Шатев“, идејните творци, кои сите многу добро ги знаеме, решиле да заиграат на сигурна карта. Зошто да ризикувате кога некој поентирал со тоа во минатото и зошто да мислите кога можете да препишете и да ископирате? Единствено ново нешто во целата афера, погубна за реномето на државата и за кариерата на раководството на опозицијата, за која никој не се загрижи многу-многу, е изворот на снимените разговори, непресушниот кладенец со сѐ уште неутврдено странско потекло.
Прво и основно, аферата со прислушување е веќе употребена од нивниот политички гуру, Бранко Црвенковски, но пред цели 14 години. Очигледно, ги намамил мирисот на власта, до која партијата се дограби тогаш, но не со помош на прислушувањето, туку 99 проценти со „помош“ на конфликтот истата таа 2001 година. Нејсе, тие сега се во коалиција со тогашниот опонент Георгиевски, кој во моментов со рекламни паноа ги расипува односите со Србија, „гребејќи“ се за коалиција со некогашниот „душман“ Алија. Сепак, БЦ многу пософистицирано ја одигра аферата „Големото уво“, за потоа неговиот претходник Борис Трајковски да го аболицира главниот виновник. Потоа, по смртта на Трајковски, шеф на државата стана Црвенковски, за да го аболицира Заев, сопствениот наследник на тронот на партијата и сегашен творец на аферата „Странско уво“.
Како второ копирање се издвојува моментот на „пронаоѓање“ на материјалите, барем според Заев. Затечен од сопствената изјава на разговорот лице в лице со премиерот Груевски, каде што повеќе пати потврди дека материјалите се од странски служби, лидерот на СДСМ изјави дека материјалите му ги „оставиле“ загрижени граѓани. За жал, фразата е стара пет години. Истата формулација и ситуација ја имавме есента 2010 година, кога ДПА преку професорот Шпенд Љуши се обиде да ги направи кодоши челниците на ДУИ. Но тогаш, тоа не го презентираше Арбен Џафери, туку Љуши, кој посочените досиеја за евентуалниот кодошлак ги „најде“ во двор. Пет години по аферата, ги знаеме резултатите и актуелниот сооднос меѓу ДУИ и ДПА на централно и на локално ниво. Заев и овде не се намачи да смисли нешто ново.
Третиот момент за Ресавската школа беше обелоденувањето на бомбата, со кореографија „зајмена“ директно од својот најголем политички противник. Општо позната и веќе одамна востановена кореографија на владата на ВМРО-ДПМНЕ при соопштување важни одлуки, чекори и големи инвестиции е сликата на премиерот Груевски и на сите министри зад него. Сега, Заев стоеше, а раководство на партијата зад него. Проблемот е што токму за оваа практика на своите противници во минатото паднаа толку лоши зборови од истите тие луѓе, кои сега ја практикуваат со толку голем ќеф и задоволство.
Пандов: Се тресеше гората, се роди глувче
Народната „Се тресеше гората, се роди глувче“ најдобро ја отсликува прес-конференцијата на бомбашот Заев, вели аналитичарот Александар Пандов.
ПАНДОВ: Цели шест месеци човеков нѐ држеше под притисок дека неговата бомба ќе предизвикала политички земјотрес и дека народот ќе бил вџашен од слушнатото и од виденото. Но, во обид да се испере од соработката со странски тајни служби, а го видовме и чувме како го тврди тоа, ја само наклевети македонската Управа за државна безбедност дека таа била изворот на прислушуваните разговори. Притоа, како што и му прилега, не приложи никаков доказ за тоа. Да не потсетувам дека претходно истиот тој тврдеше дека материјалите не му биле доставени ниту од странски ниту од домашни тајни служби, туку му ги дале загрижени граѓани.
Никако не смееме да заборавиме, вели Пандов, дека како поткрепа на Заевата соработка со странска служба се појави и писмо што беше пронајдено кај веќе притворениот Зоран Верушевски, во кое лидерот на СДСМ своерачно пишува дека остварувал средби со странски амбасадор и членови на кабинет на странски премиер, а повторно тесно поврзано со неговата бомба.
ПАНДОВ: Втора работа со која Заев ѝ се закануваше на македонската јавност е бројката од повеќе од 20.000 илјади граѓани за кои имал прислушувани материјали и притоа уверуваше дека ќе биле објавени сите материјали што ги има. Ако на секое негово излегување на прес-конференција објавува разговори за 10 луѓе и тоа го прави на неколку дена, ќе му бидат потребни неколку години за да ги објави сите. И за ова негово тврдење не видовме никаков доказ дека се работи за толкава бројка. Повторно во негов стил, бројките беа истресени од ракав. И трето, ни во еден од објавените разговори немавме можност да препознаеме ниту криминал, ниту корупција за која во минатиот период постојано зборуваа и тој и неговите мегафони платени од Сорос.
Пандов воопшто не е изненаден од неоригиналноста и од копирањето на потезите на другите политички играчи.
ПАНДОВ: Не можат, а и не знаат! Човек не треба да биде некој посебен стручњак за да констатира дека Заев нема капацитет да направи некоја своја оригинална и автентична акција. Дури повеќе, ако досега луѓето го препознаваа како исфрустриран провинцијалец, отсега натаму ликов се надополни покажувајќи ги целиот свој очај, гнев и фрустрација што ги носи со себе. Па и Бранко имаше повеќе доблест во 2001 година, кога по објавувањето на аферата „Големото уво“ на новинарите само да им ги подели транскриптите во кои се наоѓаа нивните разговори за да ги погледнат и веднаш им беа одземени. Примитивецов на најбезобзирен начин објавува разговори на луѓе, по случаен избор, како ќе му дојде.
За него е уште пострашно што и покрај тоа што е таков, постојат луѓе што и понатаму му се обраќаат со претседателе или шефе.
ПАНДОВ: Каква шупелка треба да биде човек за една ваква личност да ја препознае како свој лидер? Најстрашното е што една таква збирштина на ликови му е понудена на Македонецот како единствена опозициска опција, а тие искривени од тежината на фрустрациите на губитници се обидуваат својата негативна енергија да ја префрлат и на сите други граѓани во државата. И по девет изборни порази, таму не се најде ниту еден паметен да им каже и да ги поучи дека во Македонија избори се добиваат само со сериозна изборна програма, во која ќе има конкретни проекти за подобрување на животот и на стандардот на граѓаните.
Пандов се надева дека јавното обвинителство најенергично ќе постапи по кривичната пријава против Заев за уцена на премиерот и обидот за насилна промена на демократски избраната власт, за што побрзо да ја заврши оваа заложничка драма во која ги држи Македонија и сите нејзини граѓани.
(Пишува: Љупчо Цветановски
(Текст објавен во 128. број на неделникот „Република“, 13.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.