Шалке 04 ќе оди на поправен испит против актуелниот европски првак Реал Мадрид, со цел да се избрише ланскиот дебакл од 2-9 во двата осминафинални дуели во Лигата на шампионите со „кралевите“, а Порто по 31 година им се враќа на почетоците, во Базел, каде го играше првото европско финале во клупската историја. Шалке против Реал и Базел со Порто, вечерва од 20,45 часот во првите дуели од осминафиналните двомечи во Лигата на шампионите.
„Сакаме да го поправимке катастрофалниот впечаток од лани и секако се надеваме на подвиг и на реванш против европскиот првак. Сите говорат за Кристијано Роналдо, но Реал Мадрид не е еден човек, тоа е екипа составена од светски асови. Сепак секој тим има свои слаби точки, а ние забележавме во последниот месец дека и европскиот првак е ранлив. Ќе се обидеме максимално да ги искористиме нивните слабости и да победиме на домашен терен“, изјави Роберто Ди Матео, тренерот на Шалке 04.
Најголем проблем за него и за Шалке е отсуството на двајцата голмани Фарман и Гифер кои се повредени. Среќата му се насмевна на Тимон Веленројтер, 19-годишниот германски тинејџер, кој очекува деби од соништата на голот на Шалке 04 токму против европскиот првак и најтрофеен клуб на планетата Реал Мадрид. Веленројтер веќе бранеше за Шалке 04 на два натпревари во Бундеслигата, но вечерва ќе дебитира во Лигата на шампионите.
Проблеми има и во таборот на кралскиот клуб од Мадрид. Пепе вечерва се враќа во првиот состав, по едномесечна пауза, но надвор од строј остануваат останатите петмина повредени Родригес, Рамос, Модриќ, Кедира и Коентрао.
„Добро е што на фудбалската сцена по долга пауза се враќаат натпреварите од Лигата на шампионите. Сакаме да се покажеме во вистинското светло вечерва во Гелзенкирхен. Ние сме актуелни европски шампиони и ќе дадеме се од себе да го потврдиме рејтингот и да ја продолжиме битката за одбрана на титулата“, изјави Карло Анчелоти, тренерот на Реал Мадрид.
Малку поинакви враќање го очекува и португалскиот шампион Порто. Популарните „змејови“ се во кам-бек на местото што за реномираниот португалски клуб е означено како историско. Во Базел пред 31 година го играа првото европско финале, но загубија од Јувентус со 1-2 во тогашниот Куп на победници на куповите.
„Овојпат се надеваме на малку повеќе среќа во Базел. Место што за нас и покрај поразот во финалето во 1982 година е свето, бидејќи таму го започнавме успешниот европски од кон височините“, велат од таборот на Порто. Овој клуб беше и европски првак и има огромен рејтинг во светскиот фудбал.
Главен адут во желбата да се постигне барем еден гол на гости ќе им биде одличниот напаѓач Џексон Мартинес. Колумбиецот е во топ-форма и постигна 12 погодоци за Порто на последните 13 натпревари. За гостите вечерва сигурно нема да настапи Адријан Лопес, а сите останати играчи му се на располагање на тренерот Лопетеги.
Базел има своја приказна, а и таа е мошне интересна, особено во последниот период. Во ерата на Кристијан Грос што почна непосредно пред овој милениум, Базел најави пробив кон европскиот врв, а авантурата во 2002 за нив е незаборавна. Во фазата по групи го победија, подоцнежниот финалист Јувентус, го елиминираа Селтик и на двапати ремизираа со Ливерпул и еднаш против Манчестер јунајтед.
Сега повторно се на истиот успешен пат, а пречка за подвиг и пласман во четвртфиналето им е фаворизираниот Порто.
„Ќе биде тешко да се елиминира Порто, но сигурен сум дека ќе им зададеме многу проблеми и нема да дозволиме лесно да не минат. За нас ова е специјален момент, да се игра во оваа фаза во најквалитетното европско натпреварување, со најдобрите клубови. Сакаме ова да ни биде постојано друштво и да бидеме тука во континуитет“, изјави Паоло Соуса, португалскиот стратег на клупата на Базел. И тој има дополнителни мотиви во овој двомеч, бидејќи како фудбалер настапуваше за големите ривали на Порто, двата лисабонски гиганти Бенфика и Спортинг.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.