Домашни компании од областа на иновациите од утре ќе можат да аплицираат за финансиска помош со кофинансирање преку првата програма на Фондот за иновации и технолошки развој за која се одвоени 600.000 евра.
– За планираните четири инструменти за годинава на Фондот за иновации и технолошки развој се предвидени 2.280.000 евра, а генерално за функционирање на Фондот 10 милиони евра – рече денеска на прес-конференција вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Со првиот инструмент за кој ќе биде објавен повик утре, се предвидени кофинансирани грантови за 20-ина проекти на старт-ап и спин-оф компании. Со останатите инструменти ќе се доделуваат кофинансирани грантови за трансфер на технологии, за комерцијализација на иновации, како и техничка помош преку деловно-технолошки акцелератори.
Владата очекува долгорочно проектите и финансиската помош преку Фондот за иновации да придонесат за отворање повеќе нови работни места и компании базирани на знаење и технологии со повисок извозен потенцијал, односно поконкурентна економија.
– Се надеваме дека оваа поддршка ќе придонесе кон зголемување на капацитетите на македонскте компании за иновирање, што ќе го зголеми и нивниот капацитет за апсорпција на нови знаења и нови технологии од други компании. Со тоа може да се очекува и зголемен капацитет за соработка со компании од регионот и странство и на тој начин уште поголем праг на технологии и знаење што би требало на долг рок да влијае на конкурентноста на македонските компании, а со тоа и на економскиот развој – рече вицепремиерот Пешевски.
Директорката на Фондот за иновации Јасмина Поповска информира дека старт-ап и спин-оф компаниите што ќе се пријават на утрешниот повик ќе може да добијат најмногу до 30.000 евра. Фондот, како што рече, финансира 85 проценти од вкупните трошоци на проектите. Целта е да се зголеми иновативноста кај македонските претпријатија, но и да се поттикне примената на научно истражувачки проекти од универзитетите во комерцијалниот дел преку формирање спин-оф претпријатија.
– Ги охрабруваме сите микро, мали и средни претпријатија, новоосновани претпријатија кои постојат најмалку 6 години, спин-оф претпријатија кои се во доминантна сопственост домашни компании на макеоднски граѓани да аплицираат за поддршка од Фондот и да ги реализираат своите иновативни проекти кои имаат потенцијал за комерцијализација – рече Поповска.
Фондот за иновации, најави, во наредниот период во поголемите општини ќе организира информативни настани за начинот на добивање финансиска поддршка. Повикот, со условите и методологијата за оценка на апликациите, ќе биде објавен во печатените медиуми и на веб страницата на Фондот за иновации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.