Македонската модна креаторка Ивана Кнез дизајнираше нова, мини-колекција изработена во лимитирана едиција, со специфични дезени и форми и со акцент на самото лого на брендот, под потписот на „Драма студио“.
И оваа колекција го задржува автентичниот сензибилитет што го создава Ивана Кнез, страст, мистичност, сензуалност и силна и храбра емотивност.
Што те инспирираше за новата колекција, која е лимитирана едиција?
Кнез: Емоциите. Не сакав да размислувам за форма и материја, сакав да размислувам за апстрактни емоции. Сепак е месец на љубовта, сметам дека во последно време на глобално ниво повеќе акцент се става на материјата отколку на емоцијата. Сакав да направам нешто среќно, љубовно, нешто кое ќе освојува насмевки. Така и ја работев целата колекција, смирено, внимателно и полека. Директно на шнајдерска кукла, без конкретни кроеви. Затоа е и капсулна и лимитирана.
Какви материјали користеше за колекцијата и колку време се изработуваше?
Кнез: Материјалите се комбинација на рециклирани и стандардни, во неколку од моделите без можност за повторување. Изработката траеше околу два месеца. Сакав да направам нешто мало и магично, со акцент на црвената боја, бојата на љубовта и на страста.
Заштитно лице на колекцијата е Марина Цигарида, регионален менаџер на „Авон Македонија“. Зошто токму таа?
Кнез: Уште додека ја подготвував колекцијата имав потреба да ја најдам соодветната жена која ќе ја прикаже точно мојата приказна. Марина не ја познавав лично, но имав можност да видам неколку фотографии од неа кои ме воодушевија. Грациозна, деликатна и негувана жена. Насмеана и среќна, без вештачка убавина, современа, а безвременска. Токму тоа и ми требаше. Ја контактирав, на заедничко одушевување се согласи и создадовме магични фотографии. Се разбира без комплетната екипа немаше да биде возможно, сепак Жарко Чулиќ, Даниел Николовски и Милена Цапов беа потребни за комплетно да го доловиме духот на љубовта.
Знаат ли нашите жени да се облечат, да ја искомбинираат гардеробата, колку се советуваат со тебе?
Кнез: Одговорот би бил премногу директен и унифициран. Не можам да генерализирам, сепак секогаш поединците се тие кои се истакнуваат со стил и со чувство за мода. Моите клиенти се советуваат со мене, тоа мене ми е доволно. Не секогаш ме слушаат, но и тогаш успеваме да најдеме заеднички јазик на визуализација.
Дизајнираш прекрасен накит кој е уникатен во нашата земја, од скоро и гардероба, што ти е поголем предизвик?
Кнез: Мислам дека комбинација на двете ми е нешто што лично ме предизвикува. Сметам дека нема комплетен изглед без соодветни аксесоари, колку што може накитот, чевлите да помогнат толку може да се случи и спротивното. Си дадов лична цел на надоградување на знаењето и искуството, и доста високи стандарди за постигнување. Сакам да ја издигнам „Драма“ над себе и моите очекувања, тоа е мојот личен предизвик.
Најчесто креираш за жени, дали може да видиме и креации за мажи?
Кнез: Сега засега не се гледам во тој дел. Со аксесоари можеби, но сметам дека сѐ уште нема потреба од мене и моите дизајни во тој дел.
Кои се плановите за оваа година во однос на твојата работа?
Кнез: Проширување на „Драма“ надвор од границите на Мaкедонија, на поголеми и поконкретни пазари. И оваа година можеби ќе направам мала пауза од колекции на нашиот пазар. Сакам да заокружам прво некој работи, па потоа да продолжам понатаму.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.