| четврток, 6 декември 2018 |

Хан и ЕП ќе помогнат да се реши политичката ситуација во Македонија

Еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, порача дека вечерва доаѓа во прва официјална посета на Република Македонија со цел да се реши политичката ситуација во земјата, но и со ветување од најголемите политички партии во Европскиот парламент дека исто како и во успешниот случај во Албанија, ќе се обидат да ја вратат опозициската СДСМ во македонското Собрание.

Ова, како што јави дописникот на МИА од Брисел го порача наследникот на Штефан Филе на попладневното интервју со новинари од земјите од Западен Балкан во Брисел. 

–  Вечерва одлучив да да ја посетам земјата и покрај тоа што некои ми велеа дека треба да ја одложам посетата. Напротив, важно е да бидам таму да дискустирам со политичките лидери за ситуацијата, истакна на почетокот Хан за вечерашната посета на Скопје, каде утре ќе се сретне со сите засегнати страни. 

На прашањето дали сегашната политичка ситуација во земјата може да доведе до тоа Европската комисија да ја одземе препорката за почеток на преговори за членство на Македонија во ЕУ, Хан посочи дека препораката на Комисијата е кристално јасна, дека земјата треба да се посвети на сите прашања во областите каде се одговорностите, како во судскиот систем и дека не е задача на политичарите да судат, туку правосудниот систем тоа да го стори. 

Според еврокомесарот за преговори за проширување, ако некоја политичка одлука е потребна, тогаш е во ред, но се треба да се решава во Парламентот.

– Затоа ги повикувам сите политички партии да се вратат во Собранието. Главната политичка дебата треба да се одвива во Парламентот. Затоа денеска побарав претставниците на главните партии во Европскиот парламент да направат слични напори како што тоа успешно го сторивме во Албанија, каде претставниците на ЕП, Едуард Кукан и Кнут Фленкештајн организираа договор, кој донесе до тоа опозициската партија да се врати во Собранието, истото да го сторат и во македонскиот случај. Ова е добар пример и во однос на Парламентот, па логички е ЕП, а не Комисијата да го стори тоа и затоа во Европарламентот се подготвени да го сторат тоа и среќен сум, се надевам дека ќе успеат, посочи Хан. 

Според еврокомесарот, Комисијата се обидела активно да го реши проблемот во Македонија, но дека мора да се обезбеди од одговорните да ги почитуваат принципите на владеење на правото. 

– Моја намера е да притиснам работата да се одвива во позитивна насока, со што ќе се избегне да се размислува за други ситуации, дециден е Хан. На прашањето на дописникот на МИА од Брисел, дали сегашната политичка криза во Македонија е резултат и на долгото чекање пред вратите на ЕУ поради грчките блокади, и дали Брисел чувствува одговорност за тоа, Хан со потврден одговор, но и објаснување:           

 – Во парламентарна демократија се зависи од сите партнери и сите треба да придонесат кон обезбедување на политичка култура и однесување. Затоа уште еднаш апелирам сите политички партии да се вратат на преговарачка маса. Тоа се однесува на партиите од власта, но и на партиите од опозицијата. Македонија не можеше да почне преговори што можеби обесхрабри некого, па затоа повторно и повторно ќе се обидеме да го решиме проблемот, рече Хан. 

Еврокомесарот со порака и дека наскоро ќе се сретне со специјалниот преговарач на Обединетите нации, Метју Намиц во однос на разликите за името меѓу Грција и Македонија.

 – За тоа е потребна контрибуција на многу луѓе и ние силно ги поддржуваме активности на ОН и на специјалниот пратеник за ова прашање, па ќе се обидам да го сретнам што можам побрзо за да видиме каде сме оти за нас, за мене, ситуацијата каква што е во моментов е неприфатлива, дециден е Хан.            

Јоханес Хан одби да коментира за снимките од прислушувани разговори што опозицискиот лидер Зоран Заев, потенцирајќи дека не коментира јавно посебни случаи, но дека вечерва и утре ќе дискутира за тоа во Скопје и дека затоа и доаѓа во Македонија. Сепак, тој посочи дека се што придонесува до транспарентност или повеќе транспарентност, креира одреден притисок за подобрување на ситуацијата. 

– Разбрав дека Венециската комисија е веќе таму, прави извештај, но има докази дека целата оваа иницијатива низ годините креираше одредена клима што донесе, порано или подоцна, до промена на ситуацијата во земјата. Затоа ние поддржуваме земји во трансформација, граѓански општества кои се важен дел кога станува збор за развој на општеството во правилна насока, со почитување на основни работи. Таму нема една мерка што води до очекувани и посакувани резултати, туку неколку и тоа е загатка и уште еднаш мора да бидеме амбициозни, не наивни, но од друга страна и внимателни да не го загубиме последниот повик од пред очи, вели Хан за ситуацијата во Македонија.         

  Еврокомесарот за преговори за проширување повтори дека претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер рече дека  нема да има проширување следните пет години, што предизвика многу недоразбирања и иритации, но според него, јасно е за тие што знаат, дека ова прашање е децидно и дека тешко некоја земја-кандидат може да стане членка во следните четири и пол години. Ова не значи дека нашите активности ќе застанат, посочи Хан, додавајќи дека европската перспектива за партнерите од Западен Балкан останува повеќе од секогаш и земјите треба да го искористат ова време за да ги имплементираат потребните реформи и да постигнат конкретни опипливи резултати за граѓаните. 

– Земјите од Западен Балкан имаат одличен прогрес, што е признато од Еврокомисијата. Треба уште да се стори и има предизвици, зависно од специфични ситуации на секоја земја. Но, мора да има фокус на процесот и тоа е нешто што новата димензија во политиката, не говориме само за превземање на европското законодавство, туку и да се фокусираме на процесот што дозволува земјата да стане целосна членка на ЕУ и моја желба е различна од последните пристапувања, новите земји-членки да бидат целосно членки од првиот ден. Тоа значи не само да бидат во согласност со европското законодавство, туку и да бидат прифатени од другите. И затоа мора да подготвиме терен, за да постигнеме потребни резултати, што вклучува и трансформација на општествата, посочи Хан.          

Според еврокомесарот, има уште многу за имплементирање и тој гледа многу земји што се подготвени и сакаат да обезбедат легални промени, но попредизвикувачки е да имплементираат и кога се говори за борба со корупцијата, сите земји имаат статус на закони што се на сила, но треба успешна имплементација за да се види прогрес за ова прашање. 

– Мора да има приоритети, можеби и за економски развој, велам и за развој на земјата во однос на економијата и зголемување на активностите во бизнис-секторот и подобрување на целосната ситуација во земјата. Убеден сум, според моето искуство, дека ако сакате да привлечете странски инвеститори, треба гаранција за владеење на правото, транспарентност на судството и помалку корупција, рече Хан.         

 Обезбедување на владеење на правото и борба против корупцијата, според еврокомесарот, е најважно за поправање и на економската ситуација кај земјите од Зпааден Балкан и за привлекување на директни странски инвестиции.

Тој, исто така, рече дека дискриминацијата и нападите на индивидуалните слободи како слободата на изразување немаат место во општества што сакаат во ЕУ, потстувајќи дека и случаите викендов во Копенхаген и пред еден месец во Париз, покажале колку се ранливи и земјите-членки на ЕУ на ова поле. Во име на официјален Брисел, Хан побара и граѓанското општество да биде активен играч на начин што ќе биде инволвиран и во носење на политички одлуки во земјите-кандидати, за што ЕК нема намера да арбитрира.         

 Еврокомесарот за преговори за проширување, исто така потврди дека Европската комисија, преку нови фондови за поврзаност на Европа на буџетската линија, менаџирани од ЕК, ќе бидат достапни за земјите од процесот на пристапување, покрај 11-те милијарди евра од Инструментот за претпристапна помош (ИПА-2). Тој фонд, според Хан е примарно за земјите-членки на Унијата, но се проверува дали е можно да се однесува и на не-ЕУ земјите, во однос на поврзаност со ЕУ-земја, па да може да се аплицира и за овие средства. 

Вечерва, комесарот за соседство и преговори за проширување, Јоханес Хан, ќе пристигне во Македонија, каде утре ќе има средби со премиерот Никола Груевски и други владини претставници, како и со претставниците на опозицијата и други засегнати страни во земјата. По посетата на Скопје, тој ќе замине за Приштина, која е дел од неговата мини-балканска турнеја.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top