Новоизбраната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ денеска положи свечена заклетва, со што официјално ја презеде претседателската функција.
На церемонијата на инаугурација на плоштадот „Св. Марко“ во Загреб, Грабар-Китаровиќ се заколна дека ќе го почитува Уставот и законите на Хрватска, по што од претседателката на Уставиот суд Јасна Омејец ја презеде претседателската лента и на крајот му оддаде почит на хрватското знаме.
За време на церемонијата беше изведен рециталот „Химна за слободата“ од Иван Гундулиќ, а по полагањето на заклетва на првата жена претседател на Хрватска, беа испукани 10 почесни топовски плотуни.
Својата инаугурациска порака Грабар-Китаровиќ ја почна со зборовите: „Ќе бидам една од вас“, а ја заврши со „Господ да ја чува Хрватска“, што беше проследено со громогласен аплауз од присутните и со извици „Хрватска, Хрватска“.
На инаугурацијата присуствуваа 88 странски делегации, предводени од шефови на држави, претседатели на парламенти, владини претставници или амбасадори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.