| четврток, 6 декември 2018 |

Делегација предводена од претседателот Иванов на инаугурацијата на Вучиќ

Вкупно десет шефови на странски држави и влади и лидери на земји од регионот ќе присуствуваат на овој свечен чин, а ќе бидат обезбедувани од страна на припадници на најелитната единица на МВР и војската, пишува српски “Блиц”.

На обезбедувањето на инаугурацијата на претседателот Вучиќ ангажирани се МВР, БИА и ВБА. Заеднички тимови веќе одржаа неколку координаторски состаноци, на кои се договорени мерки за највисок степен на обезбедување. Една од тие мерки е секој лидер да добие лично обезбедување, пишува “Блиц”, повикувајќи се извор вклучен во подготовките за инаугурацијата.

Како што дознава “Информер”, на инаугурацијата на Вучиќ ќе пристигне и заменик помошникот на американскиот државен секретар задолжен за Балканот, Брајан Хојт Ји, кој ќе ја прекине посетата на Франција за да дојде во Белград. Весникот пишува дека иако било предвидено на свеченоста САД да бидат претставувани од амбасадорот во Србија, Кајл Скот, во Стејт департментот било одлучено американското присуство на овој настан да биде на повисоко ниво. Доаѓањето на Хојт Ји се толкува како поддршка на политиката на Вучиќ.

Москва, пак, на свеченоста го испраќа потпретседателот на Владата Дмитриј Рогозин кој, како што вели, во Белград се чувствува како дома.

Од Брисел во Белград, како претставник на Европската Унија, ќе допатува комесарот за проширување и добрососедство Јоханес Хан.

Но не сите од српската политичка јавност имаат намера да се појават на овој настан. Лидерот на Единствена Србија, Драган Марковиќ, вели дека ќе дојде на свеченоста порачувајќи дека ќе продолжи да го поддржува Александар Вучиќ како и досега.

На поканата ќе се одѕве и лидерот на опозициската ЛДП, Чедомир Јовановиќ, затоа што, како што вели, со тоа покажува почит кон земјата.

– Отсекогаш сме се однесувале така, од Коштуница до Тадиќ и Николиќ. Секој поинаков гест би бил знак на незрелост, а не одмерување на опозициската сила, вели Јовановиќ кој најави дека ќе присуствува на инаугурацијата што ќе се одржи во Палата Србија.

Лидерот на СРС, Воислав Шешељ, пак, вели дека не ни проверил дали добил покана, но вели дека радикалите нема да одат на таа свеченост дури и да се поканети. Тој смета дека должност на радикалите била да присуствуваат на заклетвата на новиот претседател во Парламентот со што тој фактички е инаугуриран, вели Шешељ.

-Се друго е само нивна прослава на изборната победа. Бидејќи сме поразени на изборите, ние не можеме со нив да славиме, ние тагуваме поради поразот, вели Шешељ за Танјуг.
Инаку, како што неофицијално се дознава, свеченоста во Палата Србија ќе биде патување низ српската историја, потсетување на најзначајното со што Србија го задолжила светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top