Вистински дебакл доживеа скапиот тим на Вардар на гостувањето во Волгоград кај Динамо, со што во воздух висат амбициите за пласман во четвртфиналето во Лигата на шампионите.
Динамо победи со 33-25 во меч во кој гостинките од Скопје беа постојано во негатива и во подредена улога. Ракометарките на Вардар направија неверојатни 19 технички грешки и беа потполно надиграни од Динамо.
Триото бекови на домашниот тим, Кочетова, Дмитриева и Акопјан заедно постигнаа 20 погодоци и беа нерешлива енигма за одбраната на Вардар. Ако се додаде и податокот дека голманите на „црвено-црните“ Лејно и Суслина одбранија 18 удари заедно, тогаш е јасно дека поразот можеше да биде и повисок.
Вардарки сезонава играат многу послабо на гостински терен и повторно не успеаја да слават надвор од Скопје, па им останува само еден триумф во овој циклус од Лигата на шампионите, во Копривница против Подравка. Денешниот пораз од 8 гола разлика е највисок за македонскиот првак во актуелното издание на ЛШ.
Андреа Пенезиќ беше единствената светла точка со Лејно во таборот на Вардар, а хрватската интернационалка постигна 7 погодоци. Вардар остана на петото место во првата група по 7 кола, што е изненадувачки лош пласман за екипа што има амбиции да го освои врвот на Европа. Првите 4 екипи од двете групи ќе играат во четвртфиналето, а Вардар мора да го победи Лајпциг во следната рунда во Скопје за да ги продолжи надежите за пробив меѓу осумттте најдобри состави во ЛШ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.