| четврток, 6 декември 2018 |

Црвенковски ќе бара предвремени избори без разлика на резултатите од 24 март

Ако сме сплотени и единствени, ако газиме цврсто, рамо до рамо, ако сме решени заедно да одиме до крај, јас на 24 март вечерта не ги чекам резултатите. Излегувам и барам предвремени парламентарни избори, порача претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски на вчерашниот митинг на коалицијата „Сојуз за иднината“ во Скопје.

– Овој народ знае да издржи, но знае и да возврати и да казни… Ако народот сака избори, мора да му се дадат избори, ако сака поинкава Македонија, мора да добие поинаква Македонија, ако сака победа, мора да ја добие – истакна Црвенковски.

Кандидатот за градоначалник на Скопје од коалицијата „Сојуз за иднината“, Јани Макрадули, повика по една недела граѓаните да донесат одлука со која главниот град ќе се разбуди и ќе се промени.

Рече дека е подготвен да биде градоначалник кој ќе одговори на потребите на  скопјани  и ним да им се допаѓа да живеат во својот град, дека ќе работи за еднаков развој на сите скопски општини. Најави прва гимназија во Аеродром, здравствен дом во Бутел, ботаничка градина во Гази Баба, заживување на Чаир, Сарај и на Матка – спортско-туристичка атракција, новата зграда на Водоводот да биде центар на независна културна сцена, Ѓорче Петров да се гасифицира, нова бизнис-зона во Кисела Вода, плоштад на солидарноста во Скопје, модерна визија наместо барок, бесплатни возни билети за ученици и студенти, фирмарина што ќе зависи од големината на компанијата, намалени комуналии и давачки…

– Мојата програма не е за враќање на Скопје во 16 век, туку за да го внесе во 21 век… Четири години Скопје се менуваше без прашање на граѓаните и на неговиот градоначалник. Исчезна ликот, испари духот, се кренаа ѕидови на поделби, остана само името на она што беше нашиот град. Имам визија за поинакво Скопје, план за живите, програма која со вашата поддршка можам да ја претворам во ваше секојдневие – рече Макрадули.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top