Има уште многу проекти кои се од голема важност за граѓаните на Општина Центар, и од тие причини се одлучив на втор мандат. Пред четири години заедно со Вас започнавме да пишуваме една поинаква приказна, една приказна за модерен центар, за центар кој се развива, центар во кој дневно минуваат илјадници луѓе и туристи, но за мене почитувани присутни, најважни се граѓаните на општина Центар, рече на денешниот мини-митинг во населбата Водно градоначалникот на општина Центар, Владимир Тодоровиќ, додавајќи:
– Општина Центар не е само „Плоштад Македонија“, општина Центар се и населбите Капиштец, Маџир маало, Дебар маало, Пролет, Ново маало, Крњево, Буњаковец, Водно, Градски ѕид и Кале. Точно е дека еден од приоритетите изминатиов период ни беше создавање европски центар, кој ќе биде пандан на големите метрополи, меѓутоа, исто така, јас заедно со мојот тим, изминативе 4 години работевме и на подобрување на животот и функционалноста на сите населби кои се во општина Центар.
Тој нагласи дека за нивната работа говорат сработените проекти.
-Изградивме прекрасно и современо шеталиште во централното градско јадро кај хотел „Јадран“ – Сквер Јадран, ја реконструиравме и ја претворивме во прекрасно шеталиште, улицата Никола Вапцаров која се протега кон плоштадот „Македонија“, кај кафулето „Тренд“, ниедна локална самоуправа во државава досега нема изградено капитални објекти како што општина Центар тоа го направи со: Мостот на уметноста – симболот на општината – пешачки мост на реката Вардар кон новиот објект на обвинителството, како и мостот „Око“ – кон влезот на новиот објект на Археолошкиот музеј, ја изградивме катната гаража кај Судска палата, изградивме двокатен монтажен паркинг на ул. Народен фронт во Капиштец, започнавме со изградба на спортска сала во ОУ „Гоце Делчев“, го уредивме просторот и ја обновивме фонтаната кај Трготекстил, кулите спроти „Рамстор“ и пасошко, изведовме нови тротоари, поставивме јавно осветлување и урбана опрема низ цел Градски ѕид од кулите спроти Владата, па сѐ до Градска болница, ги обновивме фасадите на десетици згради, со што придонесовме кон подобрување на термоизолацијата, а воедно и разубавување на истите – рече Тодоровиќ.
Тој се осврна и на проектите за населба Водно.
– Еден од приоритетните проекти предвидени во мојата изборна програма е токму наменет за овој локалитет, а се однесува на проширување и реконструкција на сите улици со комплетна инфраструктура во населбите Долно Водно, Старо Водно и Тасино Чешмиче, во согласност со новиот генерален урбанистички план. Во насока на јакнење на спортскиот дух кај младите и поттикнување правилен развој, во дворот на училиштето „Кочо Рацин“ ќе изградиме нова спортска сала, во соработка со Агенцијата за млади и спорт. Покрај оваа сала, ќе изградиме и спортско и детско игралиште во Долно Водно и на улицата Елисие Поповски. Во соработка со Владата на Република Македонија, Општина Центар ќе даде поддршка во реновирањето на Клиниката за детски болести во рамки на Клиничкиот центар, а преку изградба на второстепена инфраструктура Општината ќе овозможи изградба на нов клинички блок на површина од 50.000 квадратни метри. Со цел унапредување на културното живеење на граѓаните на Општина Центар, во соработка со Министерството за култура ќе ја возобновиме црквата „Св. Никола“ во Долно Водно, со што ќе се реализира уште еден значаен проект од областа на културното наследство. Ќе останеме посветени, да ги одржуваме зелените површини, уредни и чисти, ќе продолжиме со одржување и реконструкција на тротоарите и пешачките патеки, како и со поставување нова урбана опрема – клупи и канти за отпадоци. И уште многу други проекти, кои вие ќе ги предложите, проекти кои ќе придонесат за задржување на урбаниот и модерен изглед на овој дел од централното градско подрачје – рече Тодоровиќ
Тој нагласи дека така ќе продолжат и во наредните четири години, излегувајќи во пресрет на барањата на граѓаните, преку довршување на плоштадот пред црквата !„Св. Димитрија“ преку Камени мост, и плоштадот пред црквата Голема Богородица, изградба на пензионерски дом, кај Дебар маало, проширување и реконструкција на повеќе улици со комплетна инфраструктура и во населба Крњево, изградба на пет спортски сали во соработка со Агенцијата за млади и спорт и Министерството за образование и наука, изградба на ново училиште со спортска сала во населба Капиштец, изградба на нова детска градинка со двојно поголем капацитет од постојната на ул. Козара во Капиштец, изработка на план за модернизација и реконструкција на спортската сала „Градски парк“, изградба на општинска зграда и други проекти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
„Катимерини“: Три сценарија за парламентарните избори во Грција
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата