| четврток, 6 декември 2018 |

Шарапова пустинска кралица на Индијан Велс

Марија Шарапова, конечно, освои титула по пауза од 9 месеци и таа е новата пустинска кралица на Индијан Велс. Во Калифорниската долина, Русинката без загубен сет го освои турнирот, а во финалето ја прегази Каролине Вознијацки со 6-2, 6-2. Тоа беше дуел на две тенисерки што биле прворангирани на светската листа, а многу поуспешна беше Русинката. За неа ова е 28. титула во кариерата, прва по ланската на Ролан Гарос.

Од денеска, од третата позиција, таа ќе се пробие скалило погоре на ранг-листата на ВТА, за сметка на ланската победничка во Индијан Велс, Викторија Азаренка. Пред нив останува Серена Вилијамс како лидер во женскиот тенис.

Шарапова со вториот триумф во Индијан Велс влезе во одбраното друштво од 8 тенисерки, кои имаат по две титули на овој турнир, во 25-годишното постоење. Данката Вознијацки испушти шанса да биде меѓу нив откако славеше во Калифорнија пред две сезони.

Машкото финале меѓу Рафаел Надал и Хуан Мартин дел Потро е во тек.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top