Опозицискиот лидер Зоран Заев е многу контрадикторен во изјавите кои ги дава. Иако тврдеше дека не се познава со првоосомничениот во акцијата „Пуч“, Зоран Верушевски синоќа даде поинаква изјава демантирајќи се самиот себеси. Тој повторно го „закопа“ поранешниот директор на Дирекцијата за безбедност и контраразузнавање (ДБК).
Заев отворено призна дека не само што се познавале, туку и дека соработувал со Верушевски. Ја призна и автентичноста на писмото кое се појави во јавноста, а кое тој го испратил до Верушевски.
Заев, во интервјуто на „24 Вести“ изјави дека наводно обезбедувал работна виза за Верушевски за тој да не ја загуби слободата, во како што нагласува, „вака поклопено општество со целосна спрега меѓу МВР, обвинителство и судство“.
– Работна виза да замине, од ФОН нема земено плата не знам колку месеци, не знаејќи што ќе му се случи нему и неговото семејство, работна виза да му дадат, да може да оди повеќе од три месеци. Верушевски единствено е виновен што ја сакал Македонија. Конечно обезбедив луѓе коишто ќе помогнат благодарение на сестрински партии да дадат работна виза за човек којшто сака да продолжи и да работи, а притоа во вака поклопено општество со целосна спрега меѓу МВР, обвинителство и судство да не ја изгуби слободата – рече Заев.
Првиот човек на опозицијата со ваквата изјава целосно го „закопа“ Верушевски. По ова се поставува прашањето зошто Верушевски би ја загубил слободата ако навистина е невин? Зошто обвинителството и судството би се интересирале за невин човек? Дали е ова индиректно признание на незаконското дејствување на првообвинетиот во случајот „Пуч“? Експертите велат дека токму со оваа и слични на оваа изјави Заев фактички потврдува дека Верушевски дејствувал спротивно од законите, бидејки ако не делувал спротивно на законите, ниту обвинителството и судот ќе се заинтересирале за него, ниту тој ќе имал потреба да ја напушта државата.
Дополнително, контрадикторностите на Заев одат дотаму што прво тој вели дека мисли дека Верушевски работи во ФОН како професор, односно не знае и наводно не го познава, за понатаму во интервјуто да истакне дека Верушвски веќе неколку месеци немал земено плата од ФОН. Заев прво вели дека не знае дали Верушевски работел во ФОН, а потоа тврди дека од таму немал земено плата неколку месеци и токму поради тоа му помагал за работна виза во странство?!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.