За себе вели дека, како и сите кантавтори, припаѓа на една чудна сорта луѓе кои го пишуваат и пеат својот живот. Владо Георгиев ужива во животот без план, а кон работата, пак, има сосем спротивен став. Овој гласен поборник против турбофолкот и хиперпродукцијата вели дека е најважно секогаш да се водите по својата емоција, барем кога станува збор за музиката.
За 14 февруари ветува, пред сè, добра организација, одлична група, звук, осветлување, танчари и сè што е потребно за квалитетен концерт. Вели ќе го слави Трифун, но ќе пее и за тие што го слават Валентин.
Вие веќе сте настапиле во арената „Борис Трајковски“, но како гостин на концертот на Оливер Драгојевиќ пред неколку години. Имавте можност да го проверите тој простор како концертна сала. Колку сте задоволен?
Георгиев: Салата е убава, голема. Беше убаво, би требало и сега да биде така.
Токму на тој концерт, кога се појавивте на сцената една наша позната актерка и нејзините другарки буквално ви се нафрлија и врескаа по Вас. Што мислите, зошто предизвикувате такви реакции кај жените?
Георгиев: Е тоа не знам, ќе мора да ги прашате нив (се смее).
Песните од Вашиот трет албум, како и од претходните два, поминаа одлично кај публиката, но меѓу нив има десетгодишна разлика. Пред повеќе од една година решивте активно да се вратите на сцената со свои авторски песни, но дали по оваа турнеја повторно ќе има голема пауза или имате материјал за уште еден?
Георгиев: Има песни, секогаш има. Јас овој албум го направив со смален избор. Работев на преку 40 песни и од сето тоа излезе овој албум. Во меѓувреме пишувам и некои нови песни, па повторно ќе направам нешто комбинирано.
Познат сте по баладите. Пресудно е да сте тажен или со скршено срце за да излезе добра песна од Вас?
Георгиев: Мислам дека не, не можете да кажете дека „Тропски бар“ е лоша песна. Не мора човек да биде тажен, битно е кога ја пишува песната, да биде на ниво со своето расположение и да работи на таа вибрација за своја душа. Она што тогаш авторот навистина го чувствува, доколку има инспирација, мора да го напише. Затоа Композиторите и текстописците што пишуваат по нарачка, кога некој ќе им нарача пет песни, па некој уште три, тие ќе седнат и го работат тоа како занает. И после ајде да се вклопи римата за да може да се пее, затоа и таквите песни траат 20 дена и тоа се вика хиперпродукција. Јас сум голем противник на тоа и не ми се допаѓа тоа.
Можеби и затоа песните на кои им се посветило повеќе време се не само поквалитетни, туку и поскапи?
Владо: Нормално, но важно е што квалитетните песни траат долго. На крајот ќе дојдете по 10 години и ако цела сала ја пее таа песна, тоа е голем комплимент за работата.
Важите за професионалец, барем кога станува збор за работата. Дури и се појавивте навреме на овој настан, што е реткост кај нас. Ве нервира ли непрофесионалноста кај Вашите колеги или, пак, несериозниот однос кон музиката?
Георгиев: Јас мислам дека кој било што сака да биде успешен во својата работа мора да се постави максимално професионално за да не навреди никого. Многу е лошо да задоцниш на прес-конференција. Што се однесува на работата, се трудам да немам никаков кикс и тоа го барам од својата екипа и од луѓето што работат со мене. Дисциплината е нешто што е многу важно кога станува збор за работата. Сосема спротивно е кога е приватноста во прашање. Ако приватно сакате да сте добро и да се забавувате и да бидете добри со вашето друштво, тогаш не можете да калкулирате ништо и не смее да има дисциплина, ниту какви било планови.
Гласно го кажувате својот став против турбофолкот и шоуата на кои се пее таква музика. Лично бевте во жирито на шоу за потрага по музички таленти, но таму немаше турбофолк. Колку тој тип реално шоу е добар за промоција на млади таленти?
Георгиев: Јас многу сакам да го поддржам секој млад и талентиран музичар. Сакам многу да им помогнам и им помагам. Сакам да го дадам студиото на некоја добра група ако треба и без пари бидејќи денес е тешко да се гради кариера. Звучи нелогично, но во време на интернет, кога би требало да е полесно луѓето да се промовираат, тоа оди многу бавно затоа што интернетот е задушен од илјадници таленти, но она што ги издвојува луѓето е авторската работа, кога некој е композитор, кога некој ја работи својата музика. На „Јутјуб“ можете да најдете многу музичари што прават обработки и многу од нив пеат подобро од оригиналот изведувач, но едноставно со тоа не му се интересни на никого. Многу е важно авторски да сте оригинален, да имате што било ваше, што луѓето можат да го препознаат и да им се допадне.
Вие сте еден од ретките музичари што немаат дует со свој колега или колешка. Планирате таква соработка со некого?
Георгиев: Знаете, многумина сакаат да снимат дует со мене, но јас некои морам да ги одбијам, па некои луѓе ќе ми се налутат доколку снимам со некого. Засега вака е добро.
Рековте дека знаете многу македонски песни. Слушате ли македонска музика, имате ли воопшто некое мислење за неа?
Георгиев: Морам да кажам дека не можам да стигнам да следам, не ја следам дури ни нашата сцена, а телевизија многу малку гледам. Има тука колеги кои ми се допаѓа како работат, но не би било фер да издвојувам.
Во едно неодамнешно интервју, Вашиот одговор беше изваден од контекст и се рашири дека сакате македонско девојче…
Георгиев: Па да, јас само се шегував, потоа некој тоа го извади од контекст, но, пак, ќе речам, којзнае, зошто да не.
Ви годи ергенскиот живот?
Георгиев: Ми одговара, штета што животот не трае двесте години (се смее). Но, искрено, би сакал да ја сретнам вистинската жена и да направам семејство со неа.
(Пишува: Марина Костовска Текст објавен во 127. број на неделникот „Република“, 06.02.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Шок во Бордо: Суботиќ во бесознание, доби удар од голманот на Ст.Етјен
-
Кузмановска: Неспособната власт ги задолжи граѓаните за нови 21,1 милион евра
-
И јас трпев насилство од поранешниот партнер: Министерката си ја отвори душата!(видео)
-
Руси масовно дрифтаат во снег, ни полицијата не им може ништо (Видео)