| четврток, 6 декември 2018 |

Предложен фонд за спречување на иселувањето од Косово

Опозициските партии во Косово побараа Владата да формира Фонд за спречување граѓаните да заминуваат во странство и за таа цел да обезбеди 40 милиони евра.

Тоа беше речено на синоќешната заедничка прес­конференција на Алијансата за иднина на Косово, Движењето Самоопределување и Иницијативата за Косово. ­

-Со тие средства би се создале услови за отворање нови работни места и би се вратила надежта, беше речено на прес­конференцијата.

Тие побараа веќе од утре да почне примена на Резолуцијата за миграции донесена во Собранието на Косово, додавајќи дека Владата треба итно да го формира фондот, бидејќи иселувањето не може да се спречи со полициски мерки.

Заминувањето од Косово на албански жители не стивнува иако на адмнистративниот премин Мердаре сега е оневозможен премин на автобуси со имигранти, кои преку Србија заминуваат за Унгарија.

Според приштински медиуми синоќа голем број луѓе воглавно со приватни автомобили заминале кон преминот Врмици со Албанија и потоа се упатиле кон Црна Гора, од каде ќе се обидат да заминат во некоја држава од Европската унија.

Лицата кои синоќа го напуштиле Косово воглавно користеле приватни автомобили со цел да ја избегнат ситуацијата да бидат спречени да го напуштат Косово доколку заминеле до автобус, наведуваат медиумите. ­

-На кој било начин ќе се обидам да не останам на Косово. Не може да се живее без работа. Тука нема надеж за живот, вели еден од имигрантите, кои синоќа со семејството од Косово се упатил кон Албанија. ­

-Зголемен е бројот на граѓани кои преминуваат во Албанија. Тие велат дека одат на забава, но веќе не се враќаат, вели извор од царината на Косово за приштински медиуми.

Весникот на албански јазик „Блиц“ наведува дека бројот на заминати од подрачјето на Призрен и натаму не се знае, но во училиштата во тој регион голем број ученици веќе не одат на настава.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top