| четврток, 6 декември 2018 |

Првпат по 10 години – опера на македонски во МОБ

Zmejovata-nevesta500-3-480x461

Македонското оперско дело „Змејовата невеста“ на композиторот Стојан Стојков, а во режија на Дејан Пројковски, вечер премиерно ќе биде изведено во Македонската опера и балет.

„Змејовата невеста“ е прва опера на македонски јазик поставена на сцената на МОБ по цели 10 години од последната премиерна изведба на опера напишана од македонски автор, делото „Лидија од Македонија“ на Ристо Аврамовски.

Ова национално дело е работено според истоимената драма на Димитар Г. Молеров, а диригент е Саша Николовски-Ѓумар. Кореографијата е на Олга Панго, сценографијата на Валентин Светозарев, а костимографијата на Марија Пупучевска.

Во операта „Змејовата невеста“ во која преовладува лириката, мелодичноста и едноставноста настапуваат Милка: Катерина Стојановска, Наде Талевска, Змеј: Кристијан Антовски, Ернес Ибраимовски, Мајката на Милка: Марика Поповиќ, Мајката на змејот: Катерина Весковска, Друг змеј: Владимир Саздовски, Диме Петров, Стоица: Дејан Стоев, Јане Дунимаглоски, Митана: Ивана Андоновска-Свилар, Милена: Николина Јаневска…

Операта „Змејовата невеста“ е една од поголемите музичко-сценски форми која е поддржана од страна на Министерството за култура во насока на поттикнување на домашното творештво и создавање дела од различни жанрови и за различни музички формации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top