Ние луѓето сме најголеми виновници за загадувањето во градовите со начинот на загревање на домовите и со користењето превозни средства со оглед на тоа дека најголем процент од загадувањето доаѓа токму од овие извори. Иако причината, главно, ја бараме во индустријата, еколозите велат дека треба да тргнеме од самите себе. Во последните години бројот на денови во кои се надминува просечната дозволена концентрација е многу поголем од нормата. Според нормата, дозволени се 35 дена годишно. Ние имаме мерни места во Скопје и во Тетово, каде што речиси цела година, или 200 дена во годината, концентрациите се над дозволените нивоа. Тоа е голем аларм и сериозно предупредување за преземање итни мерки.
Според претседателот на Македонскиот зелен центар, Методија Саздов, проблем е што ние, граѓаните, не сакаме да се разделиме од комфорот, како автомобил, претопли станови, ама не сакаме ниту да бидеме пример за другите во намалување на загадувањето.
– Во Скопје бројот на автомобили е зголемен до мера што сообраќајот е еден од главните загадувачи. Бројот на автомобили и на превозни средства од осумдесеттите години на минатиот век до денес е зголемен за 150.000-200.000. Сите овие превозни средства со нивните емисии дополнително го оптоваруваат загадувањето на воздухот. Граѓаните многу ретко рационално ги користат автомобилите, па најчесто во еден автомобил има само еден патник или автомобилот се користи и за најкратката дестинација – вели Саздов.
Се жалиме на лошиот воздух, лошата и неподнослива миризба, вината ја бараме секаде – во институциите, во индустријата, но никогаш не тргнуваме од себе. Скопје било загадено во осумдесеттите години на минатиот век. И порано имало густи магли и многу смог, кои биле причинети најмногу од индивидуалните домови, кои за затоплување користеле нафта, дрва, јаглен или други фосилни горива, но и од индустријата, која долго време не водела никаква грижа за загадувањето бидејќи немало санкции. Сега свеста кај луѓето расте. Но не и свеста дека треба да тргнеме од себе за секој од нас да придонесе за подобро утре. Беше даден предлог да се направат одредени рестрикции во сообраќајот – парни и непарни регистарски таблички. Но се крена паника – комфорот ќе ни биде нарушен.

Мерки против загадуваето
Можни активности што треба да се преземат за намалување на загадувањето во следните 12 месеци:
- Исклучување на автомобилите од централното градско подрачје
- Комплетна забрана за движење на автомобили со Евро 3 (па дури и со Евро 4) стандард или понизок
- Опција пар/непар со цел намалување на бројот на автомобили во сообраќајот
- Редовна контрола на индустриското загадување и ригорозни санкции за надминување на загадувањето
- Масовна кампања за користење јавен превоз, привилегии или бесплатни билети за користење јавен превоз за сите вработени во јавен и приватен сектор, препорака или забрана за бесплатно користење на јавниот превоз за пензионери во периодот кога се оди или се враќаат луѓето од работа со цел да им се даде комфор и можност да се превезат што поголем број патници што мора да стигнат на работните места
- Брзи ленти за автобуси
- Користење велосипеди како средство за превоз и услови за развој на велосипедот како превозно средство преку зголемен број велосипедски патеки и подобрена инфраструктура
- Забрана за градежни работи во зимскиот период или преземање мерки за заштита од прав
- Масовно зголемување на бројот на зелени површини и зони во централното градско подрачје
- Гасификација на градовите и субвенционирање приклучоци за домаќинства
- Користење обновливи извори на енергија
- Строго применување мерки за енергетска ефикасност на индивидуални и јавни објекти
- Забрана за користење фосилни горива и други видови висококанцерогени материјали за загревање во домовите
- Вклучување на медиумите во бесплатна кампања за едукација на населението и промоција на начини и на методи за намалување на загадувањето, зачувување на здравјето при големо загадување, промоција на важноста од користење алтернативни видови превоз.
– Во работни денови 60-70 проценти од возилата во државата се во Скопје. Тоа е голема концентрација, голем извор на загадување. Европските градови се поделени во зони и мислам дека така треба да се направи и во Скопје. Во Лондон, на пример, не се дозволува влез во центарот. Ако сакате да влезете, ќе платите. Возилата што се категоризираат со Евро стандард 0, 1 или 2 не може да влезат во градот. Можеби поделба во зони, да влегуваат, условно кажано, почистите возила, а тие што немаат такви стандарди, можеби, да се субвенционираат – изјави во интервју за „Република“проф д-р Драган Ѓорѓев, специјалист по здравствена екологија.
И Саздов нагласува дека, генерално, повеќе од една половина од возилата во Македонија се со стандард помал од Евро 4.
– За зголемувањето на загадувањето дополнително придонесува и зголемениот број жители, кои во изминатите дваесет години се преселија кон Скопје, па загревањето на овие домови дополнително го зголеми загадувањето. Кај индустријата, иако со големо доцнење, поради социјален аспект, веќе е почнато спроведувањето мерки за намалување на загадувањето – вели Саздов.
Тој посочува дека проблем се и граѓаните и институциите.
– Кај институциите проблемот е што мерките сѐ уште не се спроведуваат во целост поради социјалниот момент и поради стравот да не создадат револт кај граѓаните поради намалување на нивниот комфор. Кога ни едните ни другите не го даваат максимумот во напорот за намалување на загадувањето, не може да очекуваме дека загадувањето тукутака ќе го снема – додава Саздов.
Според него, Битола, Тетово и Скопје се најзагадени поради фактот што се најголеми градови во Македонија според бројот на жители, а урбаниот развој на градовите не може да го следи порастот на жителите и на автомобилите. На пример, во Тетово, повеќето од новите згради немаат гаражи, иако е тоа законски задолжително, а тротоарите за пешаци и за велосипедисти се претворени во пазари и во паркинзи. Дополнително, во Битола и во Тетово, сериозно влијае и близината на големите индустриски загадувачи, кои најмалку водат грижа за животната средина, а тоа се РЕК „Битола“ и „Јегуновце“.
Високите згради и интензитетот на градење е проблем – коментираат граѓаните. Тие коментираат дека со високите згради се затвори градот, нема струење на воздухот, поради што се задушуваме во смог. Но Саздов не се согласува. Вели, доколку во Македонија за висококатница се смета зграда повисока од осум ката, низ светот постојат повеќе милионски градови со повеќе стокатници, каде што воопшто нема загадување на воздухот.
– А што се однесува до непланското градење, повеќе би рекол дека го нагрдува градот, отколку што влијае на загадувањето. Веројатно најголемо влијание од урбан аспект е тоа што во центарот на градот се позиционирани сите административни згради, што придонесува за огромен сообраќај и големо загадување во центарот на градот – додава тој.
Последиците се гледаат подоцна
Последиците од загадениот воздух се акутни и хронични. Ако доаѓаат од големо загадување може да бидат акутни, но повеќе се работи за хронични болести. Човечкиот организам не реагира веднаш на аерозагадувањето, освен ако нема инцидентна ситуација.
Според доктор Ѓорѓев, први страдаат белите дробови, односно горниот и долниот респираторен систем.
– Ако се тоа мали честички, тие доаѓаат до најмалите дишни патишта и доаѓа до воспалување, до намален витален капацитет на белите дробови. Истражувањата покажаа дека не реагираат само белите дробови на аерозагадувањето. Во последно време и кардиоваскуларните болести, дури и артериосклерозата ја врзуваат со аерозагадувањето, т.е. овие честички може да предизвикаат стеснувањето на крвните садови. И кога ќе земете такви два клучни система, респираторниот и кардиоваскуларниот, тогаш речиси целиот организам страда. Можни се мозочни удари, срцеви инфаркти. Реагираат постарите лица, така што има цела палета реакции. Опструктивните бронхитиси и астмата се влошуваат и кај младите и кај старите – изјави д-р Ѓорѓев за „Република“.

Скопје нема точна анализа
За да кажеме дека сега е Скопје најзагадено, треба да имаме точни анализи и референтни податоци. Прво би сакал да кажам дека во Македонија , иако постојат петнаесетина мерни станици, нема точна анализа на изворите на загадување. Јасно е од каде доаѓа загадувањето, но не се знае кој точно и колку загадува и на кои локации се наоѓаат загадувачите.
Гасификација ќе го намали проблемот
Македонскиот Зелен центар, заедно со повеќе партнерски организации, ја следи состојбата и уште минатата година заеднички беа дадени предлози за намалување на загадувањето. Велат дел од овие предлози биле прифатени и се вклучени во мерките за намалување на загадувањето. Саздов смета дека е потребен радикален пристап од властите доколку сакаме, навистина, да го намалиме загадувањето на воздухот. Вели дека иако мерките од типот на рестрикции во сообраќајот ќе доведат до нервоза и до несогласување кај граѓаните, со целогодишна континуирана кампања и одредени субвенции за користење јавен превоз, може да се постигнат солидни резултати.
– Реалноста е дека ние, граѓанските организации, стручњаците и политичарите треба да седнеме и да подготвиме план на кој ќе работиме цела година за да можеме да ги смениме навиките и наредната зима ќе имаме намалено загадување бидејќи сега што и да направиме, нема да има моментен ефект – вели Саздов.
И докторот има сличен став – користење јавен превоз, или барем повеќе луѓе да се возат со едно возило.
– Ложиштата дома да бидат енергетски ефикасни, иако, можеби, се скапи и ќе треба помош од државата. Се дискутира дека и дрвата за огрев што се продаваат во влажна форма даваат поголема количина загадување. Многу е важен и урбанистичкиот дел, мора да се вклучи и еколошкиот момент. Мора да има зони на зеленило, кое ќе го апсорбираат или барем ќе го намалат аерозагадувањето. Има посебни хортикултурни форми со широки лисни површини, кои може да апсорбираат аерозагадување. Многу се важни урбанистичките мерки, контролата на градежните активности што емитуваат големи количини прав и, секако, гасификацијата, како некое идно решение, кое сите го чекаме од еколошки аспект. Се зборува и за индустриските капацитети со кои се води борба за да ги набават тие филтри што се неопходни. Додека не се преземат синхронизирано сите мерки, не очекувам големо намалување – смета д-р Ѓорѓев.
Пишува: Билјана Зафирова
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


