Политичкиот аналитичар Јоргос Пападакис, кој во моментов е претставник на Европската слободна алијанса, левичарска партија во Европскиот парламент, прави анализа на политичката состојба во Грција по победата на СИРИЗА на предвремените избори и дава своја оцена како може да се одрази на спорот за името. Пападакис, кој е по потекло од Крит и е дел од македонското движење во Грција, важи за добар познавач на грчката политичка сцена и на состојбите во регионот.
СИРИЗА дојде на власт со ветувања кои се нереални според сите релевантни институции и стручњаци. Ќе остане ли Ципрас радикален левичар или ќе се претвори во бирократ кој не може да живее без европските пари?
ПАПАДАКИС: Да расчистиме една работа. Ципрас никогаш не бил ниту нема да биде радикален левичар. Тој е чист производ на грчкиот политички систем, од тој аспект, речиси е сигурно дека мора да се очекува промена на курсот за новата влада, која ќе мора да стави „многу вода во чашата со вино“. Е сега, како ќе избалансира една таква влада меѓу условите на ЕУ и антиевропските чувства од мнозинство граѓани, ќе видиме. Сепак, ситуацијата не изгледа добро.
Можно ли е да има промени во однос на прашањето за името. Ципрас своевремено беше умерен по ова прашање?
ПАПАДАКИС: Очигледно е дека не сака да одговара на тоа прашање. Сепак, секогаш кога беше прашан, одговорот беше идентичен со сите други политичари во Грција, барем со тие што се во Парламентот. Само последниот пат изгледа дека заборавил да стави „егра омнес“ на одговорот, па имавме шпекулации дека беше намерно. Јас сметам дека тоа беше само лапсус и дека ќе продолжи на линијата на Самарас и на сите пред него. Коалицијата со Независните Грци и изјавите на СИРИЗА дека ќе ги почитуваат чувствата на таа партија во однос на таканаречените „национални прашања“ не ветува ништо позитивно во тој правец.
Многумина веруваат дека е дојдено време за финално решавање на спорот меѓу Македонија и Грција. Има ли простор за тоа да се случи во ерата на Ципрас?
ПАПАДАКИС: И јас сум од тие што веруваат дека конечно треба да се реши овој апсурден спор, па да одиме сите натаму. Но, како? Со диктат за решение? Така не може. Сите знаеме дека Грција сака што подолго да го има отворено тоа прашање оти е директно поврзано со македонското малцинство. Ако Грција не дојде конечно при себе и ако не го прифати постоењето посебен македонски идентитет кој се разликува од грчкиот, тогаш нема да се реши ништо. Ако ме прашате дали Ципрас е тој што ќе го направи чекорот, одговорот, за жал, е негативен.
Виножито повторно не учествуваше на изборите. Колку е тоа корисно кога таквата порака за бојкот и на некој начин протест кон грчкиот систем не може да стигне до гласачите?
ПАПАДАКИС: Виножито и Европската слободна алијанса, каде што имам чест сега да работам, како главен столб на својата политика го имаат правото на самоопределување. Тоа, за жал, сегашна Грција не го почитува, ниту го има како приоритет, а Виножито не учествуваше на изборите затоа што господин Ципрас и неговите колеги од другите партии решиле изборите да бидат прескапи за малите партии и да постои изборен цензус од 3 проценти за да се спречат малцинствата да влезат во парламентот. Кога СИРИЗА беше мала партија, тој гласно се противел на таквите правила според кои секоја партија не добива пратеници колку што има гласови. Сега, му е многу полесно да го земе бонусот од 50 пратеници, кој му следува на најголемата партија. Тоа не е демократија, тоа е најнизок вид политички опортунизам. Поранешниот министер Антонио Милошоски тврди дека Дора Бакојани му рекла оти Грција не може да се согласи Македонија да влезе во ЕУ пред тоа да го стори Србија. Колку е тоа во согласност со грчката политика некогаш и сега?
Немам причина да не верувам дека така му рекла. Грците политичари, особено надвор од земјата, кога ја отвараат устата, обично бесрамно лажат. Грција знае дека и тогаш и сега е многу тешко за Србија, но и за која било земја од Балканот да влезе во ЕУ. Сакаат да најдат начин за да се скријат вистинските причини зашто ја блокираат Република Македонија. А, тоа е постоењето на македонскиот идентитет, јазик и култура.
Македонскиот пат кон ЕУ е блокиран, заморот во проширувањето е сè почесто споменуван, повеќе од 60 проценти од Европејците се против прием на нови членки.
Како тоа може да влијае врз Македонија и врз Србија, пред сè?
ПАПАДАКИС: Како што кажав, сите знаат дека моментално е многу тешко за која било земја од регионот да влезе во ЕУ. За овој факт е виновна ЕУ, ама и самите држави во нашето соседство. ЕУ дозволува да постои една држава, Република Македонија, во чекалницата за преговори речиси 10 години. ЕУ дозволува за речиси една и пол година да не е отворено ниту едно поглавје во преговорите со Србија, кои де факто ги нема. Сето тоа има и контраефекти. Ви се чини дека Вучиќ вистински сака Србија да влезе во ЕУ? Колку уште ќе чека Македонија поради каприците и фрустрациите на Грција и на Бугарија, пред да почне да менува приоритети, ако не се веќе променети? И уште колку долго ќе биде Балканот црната дупка на Европа? Тоа мораме сите сериозно да го видиме, и во Брисел и во регионот, затоа што сега стоиме во место и нема напредок на ниедно поле. А, реална алтернатива за ЕУ нема – ниту за Македонија ниту за Србија. Сепак, мора прво да се промени ЕУ, и тоа суштински.
Порастот на влијанието на екстремно десните партии во ЕУ може да предизвика влијание врз лидерите на ЕУ и тие да играат на картата на популизмот за да не ја загубат поддршката од гласачите. Каде може да ја одведе ЕУ начинот на кој, на пример, Камерон почна да игра со популизмот?
ПАПАДАКИС: Затоа велам дека ЕУ мора да се реформира длабоко, прво за да има сама иднина, па и за да може да прима нови членки. Мора да се спроведува демократија секаде, граѓаните мора да имаат глас, сами да одлучуваат за својата иднина. Европскиот парламент мора да е главен инструмент на ЕУ, а не Комисијата или Советот. Ако не го стори тоа, тогаш секој Камерон ќе може да ја искористи ситуацијата и да ги води гласачите каде сака, дури и надвор од ЕУ. А, тоа може да значи и крај на Унијата.
Доаѓаш од Грција, одлично ја знаеш состојбата во Македонија, живееше во Србија и добро ги познаваш односите на линија Атина – Скопје – Белград. Од тој аспект, колкаво влијание има грчкиот блок цркви на одлуките на СПЦ во врска со МПЦ?
ПАПАДАКИС: Очигледно е дека има влијание. Двете цркви секогаш соработувале одлично и сите знаеме колку се моќни во двете држави, особено во Грција, каде што државата и црквата сè уште не се поделени. Додадете го на тоа и фактот што вообичаено во црквите владеат мрачни, ултранационалистички кругови и ќе го добиете одговорот на вашето прашање.
Разговараше: Горан Момироски
(Интервјуто со политичкиот аналитичар Јоргос Пападакис е објавено во 126. број на неделникот Република, 30.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Ројтерс: Ципрас обезбеди доволен број гласови за ратификација Преспанскиот договор и без Каменос
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!