Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Франсоа Оланд денеска, во рамките на германската иницијатива за разрешување на судирите во Украина, допатуваа во Москва, каде што ќе разговараат со рускиот претседател Владимир Путин.
Ненадејната посета се случува три дена пред состанокот на шефови на дипломатијата на земјите-членки на ЕУ на кој ќе се решава за новите санкции кон Русија. Портпаролот на германската влада Штефан Зајберт рекол дека во центарот на разговорите со Путин ќе биде актуелната ситуација во Украина. Меркел и Оланд вчера неочувано го посетија и Киев, каде што разговараа со украинскиот претседател Петро Порошенко.
По состанокот, Порошенко изјавил дека новиот мировен план предложен од Меркел и од Оланд, кој денеска ќе биде презентиран и во Москва, дава надеж дека би можеле да бидат сопрени крвопролевањата во Украина.
Истовремено, вчера во Киев беше и американскиот државен секретар Џон Кери, кој рече дека Вашингтон сака дипломатско решение во Украина. Тој, исто така, најави дека претседателот на САД, Барак Обама, наскоро ќе донесе одлука дали ќе ѝ даде на Украина оружје за борба на истокот на земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.