Илјадници луѓе вечерва во Атина одговориле на повикот упатен преку социјалните мрежи и излегле на улиците за да го изразат незадоволството поради „уценувањето“ кон грчката влада по одлуката на ЕЦБ дека нема повеќе да ги прифаќа грчките обврзници како гаранција за кредитите, објави „МКД.мк“
Демонстрантите, околу 5.000 според процената на полицијата, се собрале во тишина и без транспаренти на плоштадот Синтагма пред зградата на парламентот, каде во последните години се одржуваат големите протести против мерките на штедење, за да ѝ изразат поддршка на левичарската влада на Сириза, која се „осмели да ги брани интересите“ на Грците, изјавиле за Франс пред учесниците на протестот.
„Ова се први протести за поддршка на една влада, а не против неа“, изјавил Телемак Папатеодору. „Конечно една влада ги исполнува ветувањата дадени со изборната програма и ги брани интересите на нашата земја“.
Протестите се одржуваат по турнејата на грчкиот премиер Алексис Ципрас и министерот за финансии Јанис Варуфакис за време на која ги посетија Рим, Париз, Брисел и Берлин за да добијат поддршка за својот проект за репрограмирање на долгот, а која заврши не баш успешно.
Владата на Ципрас најави крај на приватизацијата што ја наметнаа кредиторите и мерки за сопирање на „хуманитарната криза“ во која падна Грција по шест години рецесија и драстична политика на штедење во замена за меѓународната финансиска помош.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.