| четврток, 6 декември 2018 |

Јанкуловска: На Куманово му е доста од СДСМ

На Куманово му е доста од Дамјановски и СДСМ. Иако најголема, оваа локална самоуправа е на дното на листата по развој. Кумановци заслужуваат подобар градоначалник кој нуди решенија, проекти со точно дефинирани рокови, рече министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска давајќи му поддршка на кандидатот за градоначалник на коалицијата За подобра Македонија Зоран Ѓорѓиевски.

Јанкуловска рече дека Куманово е една од општините со најголем број кандидати за градоначалници, но дека Ѓорѓиевски бил единствениот кој ги сослушал граѓаните кога им било најтешко.

– Сосема е легитимно секој кандидат да се претстави пред граѓаните, но Зоран Ѓорѓиевски е единствениот кој ги сослуша граѓаните кои беа зафатени со поплавите во кумановско и се обрати до институциите. Тогаш, ниту Дамјановски, ниту претседателот на советот кој и сега бара доверба не се одважија да излезат на терен, истакна Јанкуловска.

Ѓорѓиевски пак, им вети на неговите сограѓани дека ќе изгради нова автобуска станица, и им ги наброи проектите што ќе ги спроведе во неговиот мандат.

– Куманово е единствениот град кој нема свој белег, затоа во програмата е предвидено преуредување на улицата „Илинденска“ во пешачка зона. Иако, најголема локална самоуправа, Куманово нема репрезентативна автобуска станица, затоа е предвидена изградба на нова во близина на Железничката станица. Нов парк во населбата „Гоце Делчев“ и хортикултурно уредување на градскиот плоштад, истакна Ѓорѓиевски.

Тој најави и средување на урбаниот хаос, доградба на градскиот стадион, формирање на јавно сообраќајно претпријатие, хортикултурно уредување на парковите, уредување на микро зелени површини и детските катчиња меѓу сите згради.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top