| четврток, 6 декември 2018 |

Отворено пријавувањето за Визер скопски маратон 2015

На повеќе од 3 месеци до одржувањето на најголемата маратонска манифестација во земјава, во организација на Сојузот на спортови на Скопје, а под покровителство на Град Скопје, Мисијата на Европска унија и Агенцијата за млади и спорт, отворено е пријавувањето за учество на 11. по ред Визер скопски маратон 2015 година. На 10 мај, очекувањата се дека Скопје ќе биде домаќин на повеќе од 7.500 маратонци, со што би се надминал досегашниот рекорд на учесници на маратонската тркa низ скопските улици.

Оваа година, се воведуваат неколку новитети – покрај маратонската, полумаратонската и трката на 5 км, се воведува штафетен маратон. За истиот ќе можат да се пријавуваат тимови од четворица натпреварувачи, со што секој ќе трча по 10 км до предавање на штафетата, пa поминувањето на целта, секој тим би ја комплетирал должината на маратонската патека. Стандардните трки – маратон (42.195км), полумаратон (21.097км) и трката на 5 км остануваат и оваа година главно обележје на најголемата маратонска трка во Македонија.

Пријавувањето е отворено! Истото ќе се одвива во три етапи (маратонската и полумаратонската трка), односно две етапи (трката на 5км). Секој учесник ќе може да се пријави преку официјалната веб-страница www.skopskimaraton.com.mk , каде што воедно можат да се најдат детални информации за пријавувањето, како и за правилата на учество.

Секој што ќе го пријави своето учество на една од трките, ќе добие вредносен ваучер од 20 евра за летовите на Визер, кои оперираат од Скопје, вклучувајќи ги и новите летови кои Визер ги најави, а ќе почнат да оперираат од јуни оваа година. Дополнително, секој учесник во една од трките ќе биде осигуран од Евроинс од несреќен случај за времетраењето на трката.

Овогодишни новитет на Визер скопски маратон 2015 е одржувањето на маратон ЕКСПО, настан кој ќе се случи од 7 до 9 мај, во хала 4 на Скопски саем. Подигнувањето на стартните броеви ќе биде на маратон ЕКСПО, a истиот ќе биде дополнет со активности на спортски излагачи и различни едукативни содржини.

Веќе традиционално, тим билдинг натпреварувањето ќе биде во состав на трката на 5 км, а на 9 мај ќе биде одржана и Колгејт маратонската мини-трка. Како најава на маратонот, трета година по ред ќе биде одржана и Женската трка, а овогодишен новитет е одржување на Медиумската трка, наменета за претставници на медиумите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top