Финансиската полиција разби шестчлена група осомничена дека со финансиски криминал успеала да заработи преку 350.000 евра.
Како што соопшти Управата за финансиска полиција, според податоците од истрагата, првопријавениот Б.А сопственик и управител на Друштвото за градежништво, трговија и услуги Бас проект ДООЕЛ експорт-импорт од Скопје, во 2013 година доставил невистинити податоци во ДДВ пријавата за влезниот промет каде за наводно извршени набавки на стоки и услуги искористил фалсификувани влезни фактури од правните лица Професионал инвест ДООЕЛ Скопје и Цузо-ес ДООЕЛ увоз-извоз Батинци. Во оваа активност првопријавениот добил логистика од второпријавениот И.И и четвртопријавениот С.Е кои му помогнале на Б.А да ги доведе во заблуда службените лица задолжени за контрола на повратот на ДДВ, при што успеал да наплати 64.000 евра поврат на ДДВ од Буџетот на Република Македонија.
Првопријавениот Б.А помогнат од второпријавениот И.И за даночниот период 1 април 2013 до 30 јуни 2013 година евидентирал во сметководствената евиденција на правниот субјект Бас Проект ДООЕЛ од Скопје, фиктивни влезни фактури од правното лице Професионал инвест ДООЕЛ Скопје управувано од второпријавениот И.И, врз основа на кои за даночниот период 1 април 2013 до 30 јуни 2013 до Управата за јавни приходи во ДДВ пријавата искажал лажни податоци и извршил неоснована одбивка на ДДВ во износ од 7.700 евра.
Првопријавениот Б.А во периодот август-декември 2013 година помогнат од петтопријавениот И.С искористил и влезни фактури за наводно извршени услуги од правното лице Електро дизајн стс ДООЕЛ увоз-извоз село Студеничани. Со помош на овие лажни фактури првопријавениот го оштетил Буџетот на Република Македонија за дополнителни 20.000 по основ на ДДВ, а како резултат на прикажаните нереални трошоци во завршната сметка на фирмата за 2013 година, дополнитено затаил 11.000 евра данок на добивка.
Второпријавениот И.И во својство на сопственик и управител на правното лице Професионал инвест ДООЕЛ Скопје, со намера да се стекне со противправна имотна корист во текот на 2012 година доставил невистинити податоци во ДДВ пријавата за период 1 јули 2012 30 септември 2012 година за влезниот и излезниот промет на правното лицесо што успеал да ги доведе во заблуда службените лица задолжени за контрола на повратот на ДДВ и притоа инкасирал од државниот буџет сума од 83.000 евра. Парите добиени од неоснованиот поврат за ДДВ, второпријавениот И.И дел ги подигнал во готово од банкарската сметка на правното лице, а останатите ги префрлил на трансакциски сметки на други физички лица од каде потоа паричните средства се подигнати во готово и истите се користени за различни намени.
Во период од 2010 до 2013 година второпријавениот И.И, првопријавениот Б.А и шестопријавениот Р.И од сметката на Професионал инвест ДООЕЛ Скопје подигнале 192.000 евра за наводни материјални трошоци, патни трошоци и теренски трошоци а парите ги користеле за лични потреби со што второпријавениот сторил кривично дело „Даночно затајување“ бидејќи не пресметал и не уплатил персонален данок од доход во износ од 22.000 евра.
Третопријавениот Џ.С во својство на сопственик и управител на правното лице Џигиелектрик-џс ДООЕЛ увоз извоз од село Батинци, во текот на 2013 година доставил до УЈП невистинити податоци во ДДВ пријавата за 2012 година за влезниот и излезниот промет. Како резултат на оваа измама, пријавениот од Буџетот на Република Македонија си подигнал по основ поврат на ДДВ вкупно 125.000 евра од кои дел подигнал во готово од банкарската сметка на правното лице, а останатите парични средства ги префрлил на трансакциски сметки на други лица од кои ги ваделе во кеш.
Во периодот 2012-2013 година третопријавениот Џ.С од банкарската сметка на правното лице Електро дизајн стс ДООЕЛ неосновано подигал парични средства на име материјални трошоци со што затаил 5.000 евра персонален данок на доход.
Финансискиот криминал кој го вршела оваа група осомничени се проценува на сума од над 335.000 евра, за кој износ е оштетен Буџетот на Република Македонија.
Како што соопштуваат од Финансиката полиција, против шесте осомичени лица до Основното јавно обвинителство во Скопје, поднесена е кривична пријава за „Измама“, „Даночно затајување“, „Фалсификување или уништување на деловни книги“, „Помагање“ и кривично дело „Поттикнување“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.