Грчкиот министер за финансии, Јанис Варуфакис, синоќа, во пресрет на денешната средбата со германскиот колега Волфганг Шојбле, изјави дека верува оти Берлин ќе покаже солидарност при решавањето на прашањето на грчкиот долг. За германската телевизија АРД, околу очекувањата од ЕУ, Варуфакис кажа дека Грција само бара да не биде изложена на притисок со тоа што ќе ѝ се даде ултиматум.
– Дајте ни време до крајот на мај, до почетокот на летото, за да можеме да ги изнесеме нашите сугестии за решавањето на проблемот и да разговараме за тоа со нашите партнери – рече тој додавајќи дека тогаш Грција и Европа можат да постигнат нови договори.
– Сигурен сум дека министерот Шојбле, канцеларката Меркел и сите во Германија ќе покажат солидарност – рече Варуфакис.
Грчкиот министер за финансии вчера во Франкфурт се сретна со претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги, и изјави дека разговорот бил продуктивен и охрабрувачки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.