| четврток, 6 декември 2018 |

Овации за Поповски и претставата „Да живее Хармс! Чудата постојат“

harms

На 73 години од смртта на Данил Хармс, кој починал во затворската болница во тогашен Ленинград на 2 февруари 1942 година, во Скопје гостуваше единствениот сатиричен театар на просторите на поранешна Југославија, загребски „Керемпух“ со претставата „Да живее Хармс! Чудата постојат“ во режија на нашиот Александар Поповски.

unnamed

Со овации и простум пред деветчлената актерска екипа, скопската публика ја награди брилијантната претстава на загребчаните со долг аплауз. Салонот на Драмски беше преполн, а гледачите буквално „висеа“ од сите страни, дојдени да го видат делото на Поповски.

Одлична актерска игра во која совршено се вклопува музиката на битолскиот состав „Фолтин“ ја прави претставата вистинско уживање. Во неполни два часа на сцената во Драмски го видовме вистинскиот Хармс. Апсурд, лудило, откачено и сето тоа пропратено со актерска игра во која нема осцилиации. Сите деветмина актери во ист ритам играат во текот на целата претстава, танцуваат, пејат. Сценографијата целосно е во служба на претставата, а костимите на Марита Чопо се одлични.

harms1

Како што изјавија претходно, се гледа дека сите уживале додека ја подготувале претставата.

Хармс е еден од омилените автори на режисерот Поповски и тој признава дека постојано му се враќа. Ова беше претстава за слободата. Иако понекогаш е тешко да се снајдеме со таа слобода што ни се нуди, сепак, чудата постојат.

Ова е втора соработка на Поповски со театарот „Керемпух“ по пауза од 14 години. Со дел од актерите веќе соработувал, а со еден дел ова било прво искуство.

Маја Посавец како Марина Дурново, сопругата на Хармс одлично нѐ води во текот на целата претстава, раскажувајќи ни го животот со рускиот авангарден писател, неговото лудило, промискулитетноста. Преку нејзиниот лик ги дознаваме сите состојби на Хармс, за неговиот живот, за необичните и апсурдни ситуации, апсењата, па се до смртта.

Во претставата играа: Линда Бегоња, Иван Ѓуричиќ, Тарик Филиповиќ, Хрвоје Кечкеш, Лука Петрушиќ, Маја Посавец, Ракан Рушаидат, Бранка Трлин и Миа Аночиќ Валентиќ. Сценографијата е на Александар Поповски, Нина Бачун и Роберта Братовиќ, а костимите се на Марита Чопо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top