| четврток, 6 декември 2018 |

ФХ3Х работеше на новиот филм „Јупитер се качува на тронот“

Македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х како соработник со Метод Студиja (Method Studios) беше дел од тимот кој работеше на визуелните ефекти на најновиот СФ ­спектакл на Енди и Лара Ваховски „Јупитер се качува на тронот“ (Jupiter Ascending), а кој во четврток премиерно ќе биде прикажан во Скопје, ден пред светската премиера.

Кристијан Даниловски, ко­сопственик на ФХ3Х рече дека на филмот работеле како дел од тимот на Метод Студиja  кои се нивни долгогодишни клиенти и соработници. ­

-На овој проект работеше екипа од 15 артисти од март до мај 2014 година, и беа изработени четириесетина кадри со различна тежина во должина од три минути. За самиот филм можеме да кажеме дека сме во слатко исчекување да го видиме во целина, а познавајќи ја работата на режисерите Ваховски, особено сме нетрпеливи. Љубителите на жанрот на научна фантастика ќе бидат секако задоволни од резултатот, како и секогаш, изјави Даниловски.

Од улиците на Чикаго до далечните галаксии во универзумот,  „Јупитер се качува на тронот“ ја раскажува приказната за Јупитер Џонс, за која има предвидувања кога се родилa дека е предодредена за големи работи. Возрасната Јупитер Џонс, која ја толкува Мила Кунис, сонува за ѕвездите, но се буди во студената реалност во која таа работи како чистачка на туѓи домови и нема многу среќа во животот. Нејзиниот живот добива неочекуван пресврт кога Кејн (Ченинг Татум), генетски модифициран поранешен воен ловец доаѓа на планетата Земја да ја пронајде, надевајќи се дека таа ќе може да си ја исполни судбината како спасител на Универзумот. Јупитер почнува да сфаќа дека нејзините генетски предиспозиции ја одредуваат за наследничка на нешто неверојатно, и во обид да си го спаси животот заради тоа што кралицата на Универзумот го нарачала нејзиното убиство, започнува да си ја остварува судбината и тргнува да го преземе тронот.

Енди и Лана Ваховски уште еднаш навлегуваат на територијата на научна фантастика со овој 3Д спектакл во продукција на Ворнер брос. Премиерата на филмот во Македонија е на 5 февруари во киното Синеплекс во Скопје со почеток во 20 часот, додека светската премиера е еден ден подоцна, на 6 февруари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top