
Единствениот сатиричен театар на просторите на поранешна Југославија „Керемпух“ вечерва гостува во Драмски театар со претставата на „Да живее Хармс! Чудата постојат“ на македонскиот режисер Александар Поповски.
Билетите за вечерашната премирна изведба се распродадени. Музиката за претставата е на македонскиот бенд „Фолтин“, а во претставата играаат: Линда Бегоња, Ива Ѓуричиќ, Тарик Филиповиќ, Хрвоје Кечкеш, Лука Петрушиќ, Маја Посавец, Ракан Рушаидат, Бранка Трлин и Миа Аночиќ Валентиќ.
Ова е претстава која прашањата за апсурдот, пародијата и хуморот не ги третира еднодимензионално вкалапено и предвидливо. Критиката во Загреб напиша дека тоа е возбудлив ттеатар кој се впушта во ризик, во своевидна авантура, театар кој произведува неочекувани резултати.
Данил Хармс, руски и советски автор се борел против репресивниот режим и бил уапсен и умрел во затвор од глад.
Режисерот Поповски рече дека Хармс е автор на кој често му се навраќа, зашто е индивидуалец кој против еден систем се борел на многу посебен начин – непредвидлив, кој прави што сака и пишува како сака.
– Хармс не учи како да се биде слободен. Ние мислевме дека слободите ни се засекогаш дадени, дека освоената слобода ја поседуваме засекогаш. Ние учиме дека слободата мора одново и одново да се добие. Ние мораме да се бориме за сопствената слобода. Хармс не учи на тоа – вели Поповски.
Поповски објасни дека нашле книга од неговата жена, која раскажува неверојатни приказни.
– Таа раскажа една од најубавите приказни за тоа дека чудата постојат – рече Поповски.
Нему ова му е втора соработка со „Керемпух“, по постановката на „Буре барут“ пред 15 години.
– Мојата приказна почнува во „Керемпух“, каде што беше мојата прва официјална режија надвор од Македонија. Во едно чудно време, кога никој не би се охрабрил да постави таков текст, Душко Љутина ме покани да ја поставам во Загреб – додаде Поповски.
Дел од актерската екипа веќе соработувала со Поповски на „Буре Барут“ и се задоволни од соработката со него.
– Оваа е волшебна претстава за нас, а вие ќе видите зошто е тоа така. Поповски е еден од
најдобрите режисери со кои имам работено. Мислам дека тој така е третиран и во Хрватска,
изјави Тарик Филиповиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


