Македонија припаѓа на евратлантското семејство и заслужува да стане полноправна членка што поскоро. Ова го изјави Сали Пејтнер, советник на глобалните самити на НАТО.
– По многу години напорна работа и посветеност, сите ние се надеваме дека Македонија на следниот Самит ќе добие покана за НАТО, а оваа година конечно и датум за започнување на пристапните преговори со ЕУ, со надеж дека ќе стане полноправна членка до 2016 – изјави Пејтнер во интервјуто за Сателитскиот канал на МТВ.

Во однос на ЕУ, Пејнтер оценува дека од 2009 година агендата за проширување на Унијата го изгуби приматот во корист на решавањето на финанската криза.
– За разлика од некои други земји кои денес се на работ на банкрот, Македонија води одговорна економска политика. ЕУ треба да ги поздрави активните мерки што се преземаат за справување со невработеноста, преку соодветните развојни политики, како и огромните напори за привлекување на странски дирктни инвестиции преку отворањето на нови фабрики. Доколку Грција го прифатеше членството на Македонија во НАТО и дозволеше започнување на претпристапните преговори под привременото име, оваа година Македонија и Хрватска ќе беа рамо до рамо пред вратите на ЕУ. Македонија припаѓа на европското семејство и заслужува да стане полноправна членка што поскоро – рече советничката на глобалните самите на НАТО.

Што се однесува до НАТО, таа потсетува дека Македонија беше целосно подготвена за членство уште во 2008 година но за очекувањата од наредниот Самит на НАТО, вели дека е тешко да се предвиди каков ќе биде исходот за Македонија. Потсетува на изјавата на поранешниот државен секретар на САД Хилари Клинтон во Чикаго дека следниот самит ќе биде самит на проширување.
– Веројатноста е дека ќе се одржи во 2014 и очекувам Македонија да добие покана за членство. Фокусот на наредниот самит ќе биде стратегијата за излез од Авганистан, но се надевам на промени во фокусирањето на агендата за проширување. Само во изминатите два месеца две земји членки на ЕУ и НАТО, Чешка и Унгарија ја признаа Македонија под нејзиното уставно име. Ова е јасен знак за поддршка од регионалните лидери коишто се надеваат да ја видат Македонија и во ЕУ и во НАТО – вели таа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


