Репрезентацијата на Франција е апсолутен ракометен владетел на планетата со обединети титули од светско и европско првенство и од Летните олимписки игри. Избраниците на Клод Онеста го комплетираа хет-трикот во Катар со победа од 25-22 во финалето против домашната селекција.
Слават и домаќините, кои станаа првата неевропска репрезентација со медал на мундијалите. Сепак во завршниот меч немаа сили да направат уште една сензација и останаа куси за три гола.
И по првиот дел од 30 минути Франција имаше предност од 3 погодоци, што ја задржа до крајот. Никола Карабатиќ со 5 погодоци беше лидер на триколорите во новиот поход кон врвот и кон златниот медал, а одлично бранеше Тјери Омејер, кој фати 11 удари на противниците. Кога беше најпотребно се разигра и Даниел Нарцис, а со неговиот гол за 25-22 Франција ја запешати победата.
Кај Катар Жарко Марковиќ со 7 погодоци и Рафаел Капоте со 6 беа најефикасни.
Бронзениот медал го освои Полска со победа над Шпанија од 29-28 по две продолженија. Македонија со пласман на деветтата позиција го забалежа најдобриот пласман на мундијалите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



