Меморандум меѓу политичките партии на Република Македонија за исполнување на стратешката цел за членство на Република Македонија во Европската унија, што го предложи владејачката партија го објавуваме во целост.
Поаѓајќи од стратешката определба на Република Македонија за членство во Европската унија, поставена од моментот на нејзиното осамостојување во 1991 година,
Потсетувајќи дека оваа стратешка определба на Република Македонија е поставена заради фактот што Република Македонија е европска држава која припаѓа во Европа, како историски и географски, така и цивилизациски;
Поаѓајќи од заложбата на Република Македонија да ги споделува вредностите на Европската унија за достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитувањето на човековите права,
Имајќи предвид дека стратешката цел за членство во Европската унија е јасно и недвосмислено поддржана и од сите политичките субјекти и од граѓаните на Република Македонија,
Свесни дека дијалогот и соработката меѓу политичките партиии и конструктивната размена на ставови и мислења се клучни за демократскиот развој,
Потенцирајќи дека на патот на Република Македонија кон членството во Европската унија, неопходен е меѓупартиски консензус и меѓусебна поддршка,
Политичките партии од Република Македонија, потписнички на овој Меморандум се обврзуваат дека:
1. Континуирано и без одлагање, во рамките на институциите, ќе ги спроведуваат сите активности и реформи потребни за исполнување на критериумите за членство во Европската унија, односно, ќе обезбедат конструктивна поддршка на истите;
2. Ќе се воздржат од дејствија и активности кои може да го попречат или негативно да влијаат на пристапниот процес; притоа, несогласувањата или различните мислења ќе се надминуваат со меѓусебен дијалог во рамките на институциите, (пред се во Собранието на Република Македонија,) водејќи сметка пред се за интересот на државата и нејзините граѓани.
3. Ќе вложат напор за постигнување на усогласени ставови или решенија во однос на надминување на предизвиците со кои се соочува Република Македонија во пристапниот процес;
***
Овој меморандум е отворен за потпишување за сите регистрирани политички партии
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.