| четврток, 6 декември 2018 |

Со насипи се штитат бунарите од кои штипјани користат вода за пиење

насип

Штипското комунално претпријатие направи насипи пред бунарите од кои со вода за пиење се снабдува градот, но и градскиот колектор и бањата Кежовица од евентуални поплави во текот на попладнето и за време на викендот. Директорот на ЈП „Исар“, Ангел Бојаџиев вели дека вработените веќе наполниле 2.500 вреќи со песок, со кои се направени и насипите на критичните точки.

– Ги заштитивме бунарите, овде на најкритичните места каде што претходно и нè поплави. Поставивме вреќи, поставивме и брана-тампон, ѕид направен од песок, исто така, го заштитивме и колекторот покрај градот, кој се наоѓа во реката Отиња, го покривме и него со вреќи земја, песок. Исто така ја заштитивме и градската бања „Кежовица“, каде поставивме многу вреќи бидејќи знаете дека бањата се наоѓа во близина на реката Брегалница и многу лесно може да прелие на критичните места – вели Бојаџиев.

Шефот на кризниот штаб на Општина Штип, Тоше Георгиев вели дека градежната механизација сѐ уште работи на неколку места во лакавичкиот регион, со што се санира и коритото на реката Крива Лакавица, но и на Балталијска Река. Пристигнати се и првите количини нафта што Владата ѝ ги додели на Општина Штип за да се санираат штетите од поплавите минатиот викенд.

Поради циклонот Давид, во текот на изминатите денови контролирано се испушташе и вода од акумулациите во источна Македонија.

Директорот на Радовишко поле, Драган Чачаров, кој го управува и езерото Мантово вели дека изминатите денови се испуштени околу три милиони кубни метри вода со што се создаде и простор за акумулирање на нови количини на вода. Од утринава по налог на водостопанскиот инспектор запрено е испуштањето на водата од езерото Мантово, кое на 23 јануари се прелеа, а се излеа и реката Крива Лакавица.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top