Помош при остварување на правата од областа на социјалната, пензиската и здравствената заштита, но и заштита од злоупотреба на работничките права на македонските државјани кои работат во Италија, но и на италијанските во Македонија, е целта на претставништвото на една од најголемите синдикални организации во Италија – Unione Italiani nel Mondo (УИМ), кое наскоро ќе биде отворено во Македонија. Според податоците на овој синдикат, околу 100 илјади македонски државјани работат во Италија.
Марио Кастеленго, меѓународен претседател на УИМ, односно на 32 негови претставништва во светот, кој денеска заедно со Џовани Фирера, од претставништвото во Тирана, имаше средба со директорот на Агенцијата за вработување на РМ Влатко Поповски, истакна дека ова здружение почнало со работа пред се за заштита на интересите на италијанските работници, но, како што рече, поради големиот број странски работници во Италија, понатаму ги прошириле ингеренции и почнале да нудат заштита и на овие работници.
– Особено сме ангажирани на случаите на злоупотреба на пазарот на труд и заштита од таквата злоупотреба затоа што многу странски работници, како и во други земји во светот така и во Италија подлежат на такви злоупотреби, а Македонија има голем број работници кои работат во Италија, рече Кастеленго по средбата.
На отворањето на претставништвото во Македонија, како што посочи Ферара, се работело две години, а потребата е резултат на големиот број македонски граѓани кои работат во Италија. Според нивните податоци, околу 100 илјади македонски државјани работат во оваа земја.
– Морам да истакнам дека македонските иселеници во Италија имаат многу добра репутација и се познати по нивната сериозност, вредност и работливост. Тие се секогаш добар пример во таа иселеничка заедница на работници во Италија. Во таа смисла ние сме заинтересирани да отвориме претставништво во Македонија токму поради големиот број на Македонци кои работат во Италија, кое би понудило помош и на македонските работници во Италија, но и на Италијанците во Македонија. На Македонците во Италија би им понудиле низа на услуги од типот пристап до пензиско, социјално осигурување, здравствено осигурување и сите други практики и документи за кои тие имаат потешкотии да дојдат до нив. Ние би го олесниле тој бирократски процес, рече Фирара.
Директорот на АВРМ Поповски истакна дека на ваков начин ќе им се дадат насоки на работниците како да се заштитат во работните процеси и да може да ги остварат сите права коишто ги имаат и граѓаните на Италија.
– Едноставно на едно место сите заинтересирани коишто сакаат да патуваат и да работат во Италија какви права, какви обврски тие имаат таму и сето она што им го нуди италијанската држава како може да го искористи тоа и како да биде заштитен на работа. Со ова ќе се спречи да имаме негативни приказни за работи со кои се соочуваат македонските граѓани надвор, кога се злоупотребени и не ги добиваат сите бенефиции и права што ги имаат домашните граѓани на таа држава, рече Поповски.
На средбата, као што рече, со соговорниците говореле и за можностите за отворање нови работни места, на претприемништво и размена на искуства, како што рече, со цел намалување на невработеноста во Република Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.