Репрезентацијата на Катар е светот во мало, а денеска ракометните глобтротери играат за историја, за финале и за побогато конто. Полска ќе биде последната пречка за домаќинот на мундијалот кон небеските височини и кон неочекуваната сензација и меч за светската титула.
Катар веќе направи огромен успех со пласман во полуфиналето, а ракометарите станаа вистински милионери. Досега си ги заработија ветените 32 милиони долари, станови и луксузни автомобили, но ветуваат нова победа и настап во завршниот меч за титулата. И Полска игра супер турнир, на патот до завршницата победија неколку силни репрезентации од калибарот на Русија, Шведска и Хрватска и сакаат пласман во финалето.
Премиерата е закажана за 16, 30 часот, а вистински шлагер на денот и на полуфиналето е пресметката меѓу Шпанија и Франција од 19 часот. Дуел на актуелните светски прваци Шпанците против европските и олимписки владетели Французите. Финале пред финале како што го нарекуваат ракометните експерти, епитет што апсолутно го заслужува овој меч во Доха. Финалето ќе се игра во недела.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



