Националната установа Центар за култура – Битола со повеќе културни манифестации од меѓународен, државен и локален карактер ќе ја одбележи 35-годишнината од основањето.
Како што посочи Борче Димитровски, директор на НУ Центар за култура-Битола, со поддршка на Mинистерството за култура ќе ги организираат трите интернационални фестивали „Монодрама-Битола 2015“, „Фестивал на музика од светот“ и „Илинденски денови“, а како коорганизатор ќе се појават и на други важни настани.
– По возобновувањето, камерниот оркестар на Битола годинава ќе одржи четири концерти, а ќе го возобновиме и дувачкиот оркестар со што ќе врати уште една музичка традиција на Битола. Нивниот концерт веќе е закажан за 1 март. На кус рок, првиот атрактивен музички настан ќе се одржи на 14 февруари кога во Битола концерт ќе приреди Дуке Бојаџиев. Заедно со него ќе настапат и битолчаните кои живеат во Њујорк, Крсте Роџевски-вокал и Исмаил Лумановски-кларинетист, заедно со гостинот Мат Килмер-перкусии – посочи Димитровски.
Димитровски го најави и фестивалот на независна музика „Битолски земјотрес“ кој ќе се одржи на 21 февруари во поранешната сала за свадби, како и концертот на Гоце Стефковски, врвен тапанар во придружба со репрезентативни македонски музичари, што ќе се одржи на 14 март во Центарот за култура.
– Првата четвртина од оваа година ќе ја заокружиме со промоција на новиот албум на групата „Фолтин“ чиј издавач ќе биде нашата национална установа и со Интернационалниот фестивал на монодрама, за чие 17-то издание има голем интерес. Затоа ќе извршиме посебна селекција пред утврдувањето на програмата – нагласи Димитровски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.