Во издание на „Македоника литера“ од Скопје неодамна од печат излезе романот на руската писателка Нелја Гулчук „Тајната на Александар Македонски“, во превод од руски јазик на Ленче Тосева.
„Тајната на Александар Македонски“ е еден од трилогијата романи на Гулчук посветени на Александар Македонски и на античка Македонија со наслов „Александар Македонски. Цар над царевите“. Другите два романа од циклусот се „Александар Велики. Наследник на власта“ и „Спасителот Птоломеј“. Сите три романи се обемни дела и се резултат на повеќегодишни и темелни истражувања на авторката на животот и на походите на Александар Македонски и на историјата на античка Македонија.
Во „Тајната на Александар Македонски“ Гулчук раскажува детално, педантно и непристрасно, користејќи прилично богата фактографија за животот и за делото на најголемиот војсководец на сите времиња – Александар Македонски. Светот го знае како ученик на Аристотел, цар на Македонија, голем воен стратег, најпознат завојувач којшто мечтаел да владее со сите народи што ја населуваат Земјата, како човек што никогаш не отстапувал од своите замисли, но во овој роман Александар Македонски е претставен и од помалку познати аспекти, без глорифицирање на неговите подвизи и на неговата величина. Гулчук раскажува дека само еднаш се изневерил себеси. И тоа станало негова историска трагедија и голема тајна. Таа ни нуди комплексна и детална приказна за големата историска личност, а во овој историски, љубовно-авантуристички, па и криминалистички роман се раскажува и за прекрасни жени, за доблесни мажи, за силни страсни чувства, за чувството воспеано од поетите на сите времиња и народи – љубовта.
Нелја Алексеевна Гулчук е руски филмски режисер, сценарист и писател. Родена е на 6 јули 1941 година во Москва. Во 1972 година го завршила факултетот за режија ВГИК (Серуски државен институт за филм).
Автор е на повеќе сценарија и е режисер на повеќе музички, долгометражни, сериски и стереоскопски филмови. Има добиено неколку меѓународни награди. Била член на Сојузот на кинематографи. Освен на трите романи за Александар Македонски, автор е уште на неколку историски романи, како и „Круна од трње, Катерина де Медичи“, „Кралот на Сонцето“ и „Бисерот на Валоа“.
Нелја Гулчук починала на 11 март 2012 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на романот „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева во Библиотеката „Браќа Миладиновци“
-
„Бележникот на татко ми“ од најтиражниот писател од Холандија – Кадер Абдолах
-
Смртна казна за познат писател на крими-романи: Злосторството го прераскажал во роман
-
„Антолог“ ја објави книгата „Лисица“ од Дубравка Угрешиќ