Претседателот на надворешнополитичкиот одбор на германскиот парламент Норберт Ретген го предупреди новиот грчки премиер Алексис Ципрас да не го користи правото на вето на проширувањето на санкциите против Русија како монета за поткусурување во преговорите за извлекување на Грција од финансиската криза.
– Каков било обид за поврзување на овие две политички полиња мора да биде сопрен пред да почне – истакнал вчера Ретген, кој е висок член на конзервативната партија на канцеларката Ангела Меркел, пренесува „Ројтерс“.
Ципрас, кој во неделата победи на изборите во Грција, ги загрижи европските партнери со критиките на соопштението на ЕУ во кое Москва се предупредува дека ќе следуваат нови санкции поради улогата во украинската криза.
Неговата одлука по стапувањето на функцијата премиер, да го прими рускиот амбасадор пред кој било друг странски дипломат, не наиде на добар прием во Брисел и во Берлин, наведува британската агенција.
– Со оглед на тоа дека 28 држави-членки на ЕУ мораат едногласно да се изјаснат за проширувањето на санкциите против Русија, новата грчка влада би можела да стави вето на ваквата одлука – вели Ретген.
Тој објаснува дека мора јасно да ѝ се стави до знаење на Грција дека заедничката одлука е решавачка за ЕУ да може нешто да преземе.
Претседателот на Европскиот парламент Мартин Шулц, германски социјалдемократ, исто така, го предупреди Ципрас да не отстапува од ставовите на ЕУ кон Русија за украинската криза.
Министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ вчера одржаа вонреден состанок на кој ги разгледуваа можностите за нови санкции кон Русија поради ескалацијата на судирите на истокот на Украина, но конечната одлука веројатно ќе биде оставена на самитот на ЕУ следниот месец, заклучува „Ројтерс“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.