

Колумнист: Горан Момироски
Со својата анализа на состојбите во Грција, на глобалните финансиски трендови и на европската монетарна политика влијателниот весник „Волстрит журнал“ даде сосема нова дефиниција за радикализмот. Медиумот, кој со децении влијае врз берзанските движења во најмоќната земја на светот, ги претвори лидерот на СИРИЗА и неговото левичарско движење во радикали. Претходно меѓу радикалите групи се спомнуваа Ратко Младиќ, групата Бадер-Мајнхоф, италијанските Црвени бригади, Карлос Шакалот и други актери од чијшто радикализам гинеа стотици невини луѓе. Иако СИРИЗА се смета за радикална левица и употребата на зборот радикали е логичен, кога тој се употребува од страна на доброинформиран и моќен медиум без контекст, може да испраќа и друга порака.
Терминот радикализам има латинско потекло, доаѓа од зборот „radix“ што значи корен. Во политички контекст радикализмот се објаснува како политички принцип што има цел да создаде алтернатива на постојните политички структури, а според некои автори и од корен да го промени системот на вредности во одредени државни или други институции. Начинот на доаѓање до целта што го спомнува науката е прилично спорен кога се работи за СИРИЗА. Политичката наука претполага дека до новите политички принципи може да се дојде преку револуционерни средства, кои ја прави задачата за лидерот Ципрас речиси невозможна. Младиот обединител на политичките фракции што ја сочинуваат СИРИЗА и што имаат различни погледи на светот и на економијата нема голем простор за маневар. Доколку не се обиде да ги искористи методите на Сталин и да национализира делови од националната економија или целата национална економија, Ципрас не може да биде револуционер во позитивна смисла. Неплаќањето на долговите и бегството од договорот со ЕУ сигурно во Брисел нема да бидат дочекани како позитивна промена.

Историски, радикализмот со кој најчесто се именува екстремната левица повеќе се карактеризира со начинот на кој се аплицираат принципите отколку со важноста што им се дава на самите принципи. Тоа во практика би можело да значи дека Ципрас ќе остане на радикалната платформа што ја повторува со години, а во суштина да ги следи налозите од Брисел, што може да биде ризично за рејтингот на неговата партија, што, пак, е особено важно ако постои можност од нови предвремени избори за краток период.
За екстремната десница се користи терминот „реакционерна“ и таа според досегашната практика секогаш е поставена против левичарските радикали, но не и во случајот со СИРИЗА. Така, на пример, шефот на француската радикална десница, лидерката на Националниот фронт, Марин Ле Пен, на својот блог во декември напиша дека преку Грција „дува топол ветар на демократија“ мислејќи на сè поизвесната победа на СИРИЗА на неделните избори пред кои водството, според дел од анкетите, се искачило на 5 проценти пред Неа демократија. Поддршката од француските крајни десничари, од кои француските партии бегаат како од лепра, не може да му помогне на Ципрас, туку само ,може да го стави во друштво на групата „европски радикали“. Со тоа тој ризикува да се ангажираат против него најсилните партии во ЕУ, но и институциите на Унијата, која може да биде загрозена од револуционерните принципи и од начинот на кој тие би биле употребени во Грција за да се дојде до промени. Токму поради тоа, во широкиот дијапазон на мерки од страна на европските лидери треба да се очекува од јавна поддршка за Самарас, па сè до тајни операции кои би биле насочени против сликата за лидерот на СИРИЗА.

Кому му одговара падот на еврото?
И додека светот се занимава со тоа дали Грција в недела ќе добие влада што ќе го слуша Брисел, дел од научниот свет, но и светот на шпекулантите, излегува со теории кои, ако не даваат одговори, барем поставуваат добри прашања. Едно од нив е поврзано со падот на вредноста на единствената европска валута, пред сè, во однос на доларот, франкот и јенот. Според многумина, на краток и на среден рок за најголемите европски извозници падот на еврото од 15 проценти во 2014 година ќе ја помогне европската економија затоа што таа со намалени цели ќе може полесно да им конкурира на американските, јапонските и на кинеските производи. Тоа го знае и Ципрас и извесно е дека во преговорите за идните аранжмани тој ќе се обиде фактот што Грција практично ја намали вредноста на еврото да го претвори во стратегиска предност.
(Текст објавен во 125. број на неделникот Република, 23.01.2015)
Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


