| четврток, 6 декември 2018 |

Меркел шокирана од Ципрас, Грција се врти кон Русија?

cipras aleksisЕден од првите потези на новиот грчки премиер Алексис Ципрас беше посетата на спомен-обележјето во Каисариани, каде што нацистите во 1944 година убиле 200 припадници на грчкиот отпор. Тој потег не помина незабележано во Берлин, како ниту одлуката на Ципрас неколку часа подоцна да го прими рускиот амбасадор како прв странски дипломат.

Тогаш следуваше имформација дека радикалниот академик Јанис Вароуфакис, кој мерките за штедење своевремено ги нарече „фискален вотербординг“ (насилна техника на ЦИА за испитување) стана новиот министер за финансии. Потоа Ципрас повлече уште еден спорен потег кога го критикуваше соопштението на ЕУ, која ја предупреди Русија на можностите за нови санкции.

Претпоставката на круговите блиски на германската канцеларка Ангела Меркел пред неделните избори беше дека Ципрас ќе оствари тесна победа, тешко ќе формира коалиција, и ако успее во тоа, судирите набрзо ќе ги замени со компромис.

Место тоа, по убедливата победа и брзото формирање на владината коалиција со десничарите од Независни Грци, во првите денови од владеењето сигнализираше дека нема намера да отстапи вознемирувајќи ги официјалните лица во Берлин, кои признаваат дека се шокирани од почетокот на владеењето на 40-годишниот грчки премиер.

– Нема сомневање, нѐ изненади леснотијата со која Сириза победи и брзината со која Ципрас формираше коалиција – рече висок германски дипломат, кој сакал да остане анонимен.

Друг дипломати рекол дека изборот на коалицискиот партнер и министерот за финансии „не се добри знаци“, а трет признал дека е „шокиран“ од првите денови на премиерската должност на Ципрас.

Блиските соработници на Меркел велат дека уште веруваат дека Ципрас најпосле ќе го промени правецот, ќе ги отфрли радикалните предизборни ветувања  и ќе прифати социјални реформи на кои инсистира Берлин и неговите европски партнери и кои беа услов Атина да ја добие неопходната помош за враќање на долгот идниот месец.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top