Новак Ѓоковиќ сигурно чекори кон нов успех на неговиот омилен гранслем- турнир во Мелбурн, на Отвореното првенство на Австралија, и повторно ќе игра полуфинале по победата над Милош Раониќ.
Српскиот ас умешно ги скроти најсилниот адут на противникот, силниот сервис, и за два часа го елиминира Раониќ со победа од 7-6, 6-4, 6-2. Канаѓанецот се обиде со сервис-бомби да го нападне Ѓоковиќ, имаше 15 аса, но немаше дополнително оружје за да го изненади најдобриот тенисер на планетата.
Ѓоковиќ уште еднаш потврди дека најдобро се снаоѓа во Мелбурн, од сите четири гранслем-турнири, и повторно е фаворит за нова петта титула на ОП на Австралија. Тука ги има најмногу, 4 од вкупно седум во гранслем-колекцијата, а во Мелбурн ја освои и првата круна во 2008 година.
Противник во полуфиналето ќе му биде Станислас Вавринка, тенисер против кого Ѓоковиќ води со убедливи 16-3 во меѓусебните дуели. Нивниот меѓусебен меч ветува нови возбудувања, а посебно се паметат двата дуели од 2013 година кога Новак победи со 12-10 во гејмови во решавачкиот петти сет и тој од лани во четврт-финалето што Вавринка го реши во своја корист повторно со 3-2 во сетови, и одново по голема битка во последниот сет (9-7).
Во второто полуфинале Томаш Бердих ќе игра со Енди Мареј.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.