Француската и белгиската полиција денеска уапсија вкупно осум лица поради сомнеж дека се поврзани со исламистички групи.
Белгиската полиција приведе тројца мажи во градот Кортрејк, под обвинение дека се поврзани со исламистички групи, а во нивните куќи било пронајдено оружје, соопшти Обвинителството.
Властите во Белгија проценуваат дека околу 350 лица заминале од земјата и им се придружиле на групи, како што е Исламската држава (ИД) во Сирија и Ирак, а некои од нив планираат и напади во Белгија по враќањето од конфликтните зони.
Белгискиот премиер Шарл Мишел неодамна во своето обраќање до нацијата објави програма за спречување на тероризмот, која вклучува можност за ангажирање на војската во судири со терористи, како и повеќе измени во кривичниот закон и реформи во безбедносните служби.
Рано изутринава француската полиција во градот Лунел уапси пет лица, за кои постои сомнеж дека се поврзани со терористичките мрежи во Сирија и Ирак. Улиците во центарот на ова мало гратче во областа Еро, од кое дваесетмина момчиња веќе се приклучиле на џихадистите, денеска беа полни со полициски возила. Осомничените џихадисти биле притворени, а нивниот идентитет се уште не е познат. Во текот на полициската операција една жена е повредена, објавија локалните медиуми.
Советникот во Градското собрание, Филип Моасоние изјавил дека „по апсењето му било многу полесно“.
– Повеќе не можевме да ја издржиме таа закана која се наоѓаше над нас – објасни Моасоние.
Од октомври 2014 година, шест жители на Лунел на возраст од 18 до 30 години загинаа во Сирија борејќи се на страната на џихадистите.
Според непотврдени информации, во Сирија се наоѓаат уште триесетмина лица – мажи, жени и деца, по потекло од овој град во Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.