Пратениците во Собранието неодамна на прво читање го изгласаа Законот за алтернативна и комплементарна медицина со кој се планира да се стави ред во оваа област. Со овој Закон се утврдува степенот на формално образование што треба да го имаат лицата што сакаат да се занимаваат со некоја од дисциплините на алтернативна и на комплементарна медицина (КАМ), како и соодветни доквалификации и образование во областа што сакаат да ја практикуваат. Фондот нема да ги покрива терапиите и лековите на методите на КАМ, а државата ќе гарантира за нивната безбедност. Овој закон опфаќа методи и постапки на дијагностика, лекување и на рехабилитација во методите како што се: традиционална кинеска медицина, хомеопатија, традиционална индиска медицина – ајурведа, фитотерапија, квантна медицина и сродни техники, киропрактика и примената кинезиологија,апитерапија, ароматерапија, духовна енергетска медицина, енергетска терапија – реики, детекција на штетни зрачења, јога, семеен распоред (фенг шуи) и друго.
Со овој Закон се става ред и во хомеопатијата. Хомеопатијата е форма на алтернативна медицина, чиешто лекување се темели на два основни принципа: принцип на сличност (слично се лекува со слично) и принцип на минимална доза. Со овој принцип се воспоставува можноста за подигнување на имунитетот на човекот и тој на природен начин да се избори за своето здравје.
Како би го коментирале новиот Закон за комплементарна и за алтернативна медицина, кој е веќе во собраниска процедура?
ЈАКОНОВА СТОЈАНОВСКА: Законот е во завршна процедура и треба да излезе во „Службен весник на Република Македонија“. Со овој Закон и Македонија влезе во светските рамки на хомеопатијата. Со Законот,покрај другото, се утврдува видот и степенот на стручната подготовка, како и образовните доквалификации што треба да ги има лицето што сака да практикува хомеопатија. Исто така, со Законот ќе се осигурат механизмите што ќе му овозможат на пациентот гаранција за максимум безбеден третман и, тоа што е многу важно за пациентот, зголемена можност да го оствари правото за избор на третман со кој ќе се лекува, врз основа на точни и целосни информации. Предлог-решенијата се темелат на споредбени анализи за правниот статус и за начинот на регулирање на КАМ во Европа и во други држави надвор од Европа.
Да им објасниме на читателите што е хомеопатија, која е призната од Светската здравствена организација како комплементарен медицински метод?
ЈАКОНОВА СТОЈАНОВСКА: Хомеопатијата претставува комплексен и систематичен медицински метод на лекување. Хомеопатијата е комплементарна на школската медицина. Што значи комплементарна? Тоа значи дека теоријата и принципите на хомеопатијата се искористуваат и дополнуваат со механизмите што се познати во медицината заснована на докази, односно да се исползуваат двете науки и да се надополнат една со друга. Едната наука да не ја исклучува другата, туку да се искористат можностите на двата медицински метода за на крај да имаме максимален позитивен ефект за пациентот.
Колку Македонците знаат и почнуваат да се интересираат за хомеопатија?
ЈАКОНОВА СТОЈАНОВСКА: За жал, мал дел од популацијата знае за хомеопатијата, но сè повеќе се зголемува бројот на заинтересирани пациенти, ова особено се однесува на младата популација. Во Европа, хомеопатијата е многу популарна, како во Германија, земјата во која настанала хомеопатијата, потоа во Англија, Франција, а се практикува и во САД, Индија и други. Таму се користат хомеопатските лекови што се на штандовите во аптеките. Кај нас малкумина се запознаени дека и во македонските аптеки има хомеопатски лекови. Затоа се потребни информативни емисии, презентации, текстови преку кои ќе се информира македонската популација, но и стручната јавност. Така пациентите ќе знаат што се хомеопатски лекови, ќе знаат дека во Македонија има фабрика што изработува хомеопатски лекови што се регистрирани во Агенцијата за лекови на Република Македонија, која гарантира за нивната безбедност.
Кои болести најчесто се лекуваат со хомеопатски лекови?
ЈАКОНОВА СТОЈАНОВСКА: Со хомеопатија се лекуваат и акутни и хронични болести. Тоа што е корисно и што треба да го знаат пациентите е дека лековите се достапни во аптеките и голем дел од нив се наменети за самолекување на лесни акутни промени како што се настинки и симптоми при настинки како кашлица, кивање, за лесни дигестивни проблеми, трауматски повреди, менструални проблеми, состојби кај доенчиња како што е растење заби, олеснување состојби пред и по оперативен зафат, дентален третман и др. Пациентот со препознавање на симптомот може веднаш да го земе хомеопатскиот лек и да не дозволи натамошен развој на болеста. Пациентите прашуваат дали постојат хомеопатски лекови за подигнување на имунитетот. Во хомеопатијата лекот се зема кога ќе се појави симптомот, а самите лекови, ползувајќи ги основните принципи на хомеопатијата овозможуваат подигнување на имунитетот на природен начин.
Хроничните промени се предмет на хомеопатско интервју, кое го води хомеопатот. Многу е важно да се разбере кои се хронични болести. Хроничните болести се развиваат постепено, често незабележително и континуирано го разоруваат организмот. Бидејќи долг период трае болеста, на крај имаме целосно изморен организам, кој тешко се лекува. Затоа човекот треба да „го слуша организмот“, да ги забележува сите промени што настануваат и кога се чувствува дека не е во добра кондиција да побара помош од стручно лице. Во хомеопатијата се зема дека не мора да се истражува симптом што ќе се потврди со лабораториски анализи, туку со едно продлабочено интервју да се дојде до состојбата кога човекот се изразува дека не се чувствува добро и да се најде факторот што придонел до промена на неговата здравствена состојба. Многу често се работи за психогени фактори што доведуваат до нарушување на здравствената состојба на човекот.
Какво е Вашето искуство со пациентите?
ЈАКОНОВА СТОЈАНОВСКА: Како фармацевтка со долг работен стаж во класичната медицина и искуство во полето на хомеопатијата, можам да кажам декамногу често се случува луѓето на почетокот да се сомничави. Но, кога пациентот ќе се увери дека хомеопатскиот лек има ефект и тоа за многу кратко време и дека нема никакви несакани, споредни ефекти, кога повторно ќе се јави симптом на кој ќе се пожали, тој прво помислува на хомеопатски лек. Исто така, самиот пациент ќе забележи дека инциденцијата на натамошна појава на симптомите се намалува, што се должи на тоа подигнување на имунитетот на природен начин. Ова го говорам од сопствено искуство.
Дали лекувањето со хомеопатските лекови бара и поинаков начин на живот и поинаква исхрана?
ЈАКОНОВА СТОЈАНОВСКА: Хомеопатските лекови дејствуваат на тој начин што треба да воспостават рамнотежа во организмот. Во хомеопатијата, човекот се набљудува како една интегрална целина – на физичко, емотивно и на ментално ниво. Хомеопатскиот третман треба да создаде една рамнотежа што ќе го доведе човекот во една континуирано избалансирана состојба. Тој аспект би го карактеризирала како можност за поинаков начин на живот. Секако, хомеопатот дава и совети за хигиено-диететски режим, кој ќе му помогне на хомеопатскиот третман, како и совети за воспоставување емотивно-психолошки баланс при соочување со секојдневни проблеми во социјалното и работно опкружувањето на човекот. Хомеопатијата не ја исклучува класичната медицина и затоа е комплементарен метод, се надополнуваат една со друга.
Интервјуто со Искра Јаконова-Стојановска може да го погледнете и на РепубликаТВ.
(Пишува: Александра М. Бундалевска | Фото: Игор Ангеловски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.