Легендарниот германски играч и селектор Хајнер Бранд вели дека ракометната игра драстично се сменила во последните 3-4 децении и дека воопшто не е импресиониран од квалитетот во досегашниот дел од Светското првенство во Катар.
Како играч Бранд го освои златниот медал со Западна Германија на СП во 1978 година, а од клупата како селектор на Германците стигна до светското злато во 2007 година.
– Не сум импресиониран од квалитетот на досегашниот дел од шампионатот во Катар. Неколку силни репрезентации имаат смена на генерации, дел од нив сѐ уште немаат клучен ракометар што би направил разлика во играта, а дел од селекциите ја немаат силата што ја имале претходно. Позитивно е што неколку репрезентации како Катар, БиХ, Иран прикажаа добри игри и со крупни чекори фаќаат приклучок. Генерално, очекував повеќе – вели Бранд.
Тој моментно е ангажиран од Германската ракометна федерација во развојот на талентирани ракометари. Германците се протнаа на мундијалот дополнително откако не успеаја по регуларен пат да се квалификуваат и играат добро во Катар.
– Има огромна разлика во стилот на игра во тактиката, во статусот на играчите од моето време и сега. Ние бевме аматери, дури и работевме или студиравме паралелно играјќи ракомет. Сега сѐ е на многу високо ниво, ракометарите се професионалци, играта е многу подинамична во два правци, со посебен акцент на тактиката – додадав Бранд.
Познатиот мустаќлија има 62 години и е вистинска легенда во ракометот, со многу медали и како играч и како селектор на Германија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



