| четврток, 6 декември 2018 |

Во Гевгелија се санираат последиците од вчерашното невреме

Во Гевгелија и околината денеска се санираат последиците од силното невреме проследено со пороен дожд и град што вчера во попладневните часови зафати повеќе реони од општината.

– Водата од Петрушка река се повлекува во коритото и овозможи денеска комисија од Министерството за транспорт и врски да направи увид на статиката на мостот кој беше најмногу на удар и поради кој сообраќајот од Миравци кон Гевгелија се уште се одвива преку Удово. Сообраќајната врска со Моин е целосно воспоставена откако се повлече водата на Конска река, а се уште се работи на подигање заштитен насип на пречистителната станица и на обезбедување на страничните столбови на мостот преку Сува река, изјави Зоран Лазаревски од гевгелискиот центар за управување со кризи.

Според градоначалникот на Гевгелија, Иван Франгов, штетите од обилните врнежи и надојдените речни води допрва ќе се утврдуваат, а во моментот сето внимание е насочено кон заштита од евентуално ново излевање на реките.

– Мобилизирана е целокупната механизација од неколку градежни фирми со која настојуваме да обезбедиме заштита од излевање на надојдените води како и заштита и оспособување на поплавените мостови. Состојбата е под контрола и постојано се следи од надлежните општински служби, рече Франгов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top