| четврток, 6 декември 2018 |

Јувентус против Баерн, Барселона со ПСЖ во ЛШ

Јувентус против Баерн, a Барселона против Пари Сен Жермен се натпреварите од четврт-финалето во Лигата на шампионите. Реал Мадрид ќе го продолжи атакот на десеттата, јубилејна титула против Галатасарај, а за место во квартетот најдобри меѓусебе ќе играат и Борусија Дортмунд и Малага. Првите натпревари се на 2/3 април, а реваншите се една недела подоцна.

– Задоволни сме од ждрепката иако добивме силен противик. Јувентус доминира во италијанското првенство, но ние ќе бидеме подготвени за дерби со нив. Двете екипи имаат големо реноме и верувам дека ќе бидат натпревари за паметење. Се надевам дека ние ќе бидеме полуфиналисти – рече тренерот на Баерн, Јуп Хајнкес.

Последен пат Јувентус и Баерн играа пред три сезони во фазата по групи. Домаќин на првиот меч е Баерн.

Во Барселона ќе се врати Златан Ибрахимовиќ откако ждрепката сакаше ПСЖ да биде противникот на Каталонците. Златан, кој има играно за Барса, нема да настапи на првиот натпревар, на 2/3 април, во Париз поради суспензија, но ќе биде подготвен за реваншот една недела подоцна.

ПСЖ во 1995 година ја елиминира Барселона во четврт-финалето и го постигна најголемиот клупски успех, со пласман во полуфиналето во ЛШ. Барса се реваншираше со победа од 1-0, во финалето на КПК, две години подоцна, освојувајќи ја титулата.

Против своите поранешни пулени, Весли Снајдер и Дидие Дрогба, ќе се соочи тренерот на Реал Мадрид, Жосе Мурињо. Реал ќе гостува на првиот меч во Истанбул, а двете екипи играа меѓусебе во 2001 година, во истата фаза. Тогаш Реал беше подобар во вкупен скор иако Галатасарај го доби првиот меч во Истанбул.

Малага посакуваше да ги избегне шпанските екипи и желбата им се оствари. Го добија германскиот шампион Борусија Дортмунд, екипа што беше шампион во ова натпреварување во 1997 година, по триумфот од 3-1 над Јувентус. Малага ќе биде домаќин на првиот натпревар.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top