Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески оствари работна средба со Огнен Цубалески, проектниот менаџер на германската компанија „ОДВ електрик“ што отпочна процес на инвестирање во Охрид преку изградба на производствени капацитети за изработка на делови за автомобилската индустрија.
– На средбата ги разгледавме многубројните аспекти од продолжената соработка со реномираната германска компанија, како во делот на динамиката на развој на компанијата во делот на инсталирање технологија и самиот производствен процес, така и динамиката на воспоставување кооперантски односи со локални компании, и она што е особено важно за нас, динамиката на ангажирање што поголем број граѓани на Охрид за работниот процес, истакна Бакрачески.
Бакрачески нагласи дека и понатаму локалната самоуправа останува посветена на можностите да даде максимална поддршка на компаниите како „ОДВ електрик“ кои инвестираат во локалното стопанство, преку сите олеснувања за влез на странски и домашни инвеститори, а се ингеренција на Општината Охрид.
Цубалески го информирал градоначалникот Бакрачески за текот на реализацијата на предвидените активности околу планираниот инвестициски циклус.
– Првиот инвестициски циклус вреден околу милион евра е веќе затворен, а од декември компанијата почна со сериско производство. Од крајот на овој месец започнува вториот инвестициски циклус и отворањето втора производствена линија, рече Цубалески, информирајќи дека според проекциите, вкупно се предвидени четири производстени линии што ќе работат во по три работни смени.
Во врска со продуктивноста на кадрите ангажирани од „ОДВ“ тој рече дека се работи на постојано подобрување на ефикасноста преку постојани обуки и секојдневниот ангажман на работната сила во производствениот процес, додека по однос капацитетите на локалната работна сила тој нагласи дека македонскиот човек сака да работи, како што рече „луѓето едвај чекаат да почнат со работа“.
– Ние сме задоволни од кадрите, но постои јасен недостаток на индустриско искуство. Големите фирми што работеле тука години наназад бележеле пад во квалитетот, ние сме свесни за тоа, така што тоа е дел од она што како инвеститори сакаме да и го вратиме назад на заедницата, додаде Цубалевски.
Моментално „ОДВ електрик“ производствениот процес го реализира со браун-филд инвестиција воспоставувајќи погони во поранешните производствени капацитети во Охрид, а планирано е од 2016 година производството да го префрли во новоизградена фабрика во Индустриската зона кај Мислешево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.