На почетокот на ова интервју се наметнува темата за тероризмот во Франција, но не од аспект на реакциите на новинарските жртви, туку од аспект на Вашето видување за општеството кое има големи врски со (условно) муслиманскиот свет во Африка, како општество кое доминирало во експлоатацијата на африканската територија, па и во неодамнешните интервенции во Мали и во Арапската пролет. Колку француското граѓанско општество, кое почива на слобода, еднаквост и на братство, може да ги издржи сите етничко-религиски предизвици? Колку овој тероризам е политичка, а не религиска реакција?
ПЛЕВНЕШ: Тероризмот не познава граници. Тој се случува на сите точки од планетата во исто време. Сите обиди да го лоцираме во Париз и да ги бараме корените на француската некогашна колонијална политика, со нашата современост, нема да вродат со плодови. Историјата е побрза од мислата и во позитивна и во негативна насока. Во секој случај, масакрот на редакцијата на „Шарли ебдо“ ќе остане еден од најексклузивните масакри во терористичките акции во светот бидејќи се случи крвопролевање во редакција на еден во основа маргинален и малотиражен весник, којшто со карикатури, независно дали тие се посветени на овој или на оној политички и религиозен авторитет, не може да влијае врз тековите ниту на светската историја ниту на интересите на светските центри на моќ. Се разбира дека Арапската пролет на народите и различните воени интервенции во Египет, Сирија, Ирак, Мали и во Авганистан се рефлектираат во Париз како центар од кого почнувале голем број ренесансни идеи на сите тие народи, но, исто така, и една форма на жестока омраза, која се манифестира во различни изолирани кругови, кои го произведуваат тероризмот и во кои религиозниот фанатизам добива политичка конотација. Ништо не треба да се сведува на ниеден амалгам бидејќи највозвишената религиозна мисла која важи за сите религии е мислата дека Господ бара милост, а не жртви. Господ да биде на помош и во Париз и насекаде во светот, вклучително и на Балканот.
Во една ваква конотација, без обид за релативизирање на теророт, дали може да се смета дека, сепак, и карикатурите во „Шарли ебдо“ беа во функција на креирање јавно мислење за поддршка на акциите на западниот свет? Карикатурите за косовската криза се пример за Балканот. Ве прашувам како амбасадор на УНЕСКО за програмата „Дијалог на цивилизации“.
ПЛЕВНЕШ: Како потпретседател на Интернационалната асоцијација на УНЕСКО за дијалог на цивилизации, сум бил на голем број точки на светот, каде што постојат отворени кризи кои некаде траат многу кратко, некаде долго, со години, да не речам со векови. Дали шокот на цивилизации, којшто го предвидуваше Ханингтон, ќе биде заменет со дијалогот, никој не може да одговори бидејќи историјата не е предвидлива. Големиот француски антрополог Клод Леви-Строс во своето последно интервју прашан што мисли за историјата на светот, рече дека среќна околност е што историјата на светот почна без човекот и ќе заврши без него. Таа прилично песимистичка реченица на еден од најголемите модерни ерудити, сум се обидувал, и како драматург што имал можност да ги види своите пиеси на сите континенти и како амбасадор на Македонија, да ја заменам со ингениозната идеја на светите солунски браќа Кирил и Методиј, дека треба да владее цивилизација на љубовта и носталгија по единството. Како што знаеме, Кирил и Методиј беа прогласени за заштитници на Европа 11 века по нивната смрт. Кога во 2003 година со претседателот на Македонија, Борис Трајковски, го организиравме собирот „Дијалог на цивилизации“ во Охрид и кога дојдоа сите балкански лидери, по крвавите судири на тлото на поранешна Југославија, охридската порака преку УНЕСКО стигна до сите меридијани, но жестоката стварност во која живееме денес не доближува до песимистичките согледувања на Строс, но ги отвора патиштата на хуманизмот што свети Климент Охридски со својата прва школа на хуманизмот во Европа го оставил како наследство и за балканските и за европските духовни поколенија. Поетот Пабло Неруда вели: „Во наследство ви ги оставам моите рани“. Дали може раните на светската историја да ја поучат модерната цивилизација, тоа е прашање што си го поставувам секојдневно, а одговор нема.
Ако направиме некаква паралела за основните човекови права и демократијата за која се залага западната цивилизација, ако го имаме предвид и „Дијалогот на цивилизации“, како тогаш тука, ние Македонците треба да ги доживееме и преживееме, во слободно толкување, изживувањата на Грција кон Република Македонија, кон Македонците, кон македонската културна различност која има правна поддршка од меѓународните институции? Вие бевте амбасадор во Франција, земја која не ретко се доживува како држава која гради топли релации со Грција и нѐ држи подалеку од интеграциите.
ПЛЕВНЕШ: Ова е доста сложено прашање, но ќе ви одговорам накратко. Прво, токму во Франција живееше еден од најголемите духови на модерната грчка историја, Елијас Петропулос, и тој токму на француската телевизија изјави дека Грција нема монопол на името Македонија. Неговата книга „Зошто не се враќам во Грција“, заедно со неговата сопруга Мери Кукулес и со мојата сопруга Лилјана Плевнеш, ја објавивме во Скопје пред дваесетина години, со еден исцрпен историско-политички есеј кој го напишав како предговор и во таа книга е поместена неговата тестаментална песна која ја остваривме за време на неговиот погреб во 2004 година во Париз. Ќе ви ја пренесам во целост:
Ме прашуваат често глупаците
Зошто не се враќаш во Грција
Ја сум Грк, задолжително Грк
Но, мојата земја ми го кине срцето
Нога моја никогаш не ќе
стапне во Атина
И велам на жена ми
Кога ќе цркнам овде во Париз
Изгори го мојот труп
И фрли ја пепелта во канализација
Тоа е мојот тестамент.
Неговата сопруга Мери Кукулес ме покани да одржам посмртен говор на гробиштата „Пер Лашез“ во Париз, и тоа го обележаа голем број грчки медиуми. Нашиот тогашен амбасадор во Атина, Благој Ханџиски, ми напиша: „Тој ден бев горд што сум амбасадор на Македонија во Грција“. Француската политика кон Македонија не може секогаш да се гледа низ негативна конотација бидејќи токму во Франција е организирана изложбата „Средновековните трезори на Македонија“, која ја видоа 189 илјади посетители во три месеци. Врвните француски медиуми, како „Монд“, „Фигаро“ и „Либерасион“, објавиле мои текстови во кои ја застапувам македонската гледна точка, претставени се врвните македонски писатели, сликари и научници во различни институции, а политичката битка за еманципација е вечна за сите, вклучително и за Македонија.

Интеграциите се секојдневен дел од политичката борба во Македонија, но во поинаква слика од сите демократски општества. Борбата, наместо во институциите, се води меѓу тие што ја избраа улицата и тие во институциите. Колку таквото однесување на опозицијата e прифатливо?
ПЛЕВНЕШ: Во Франција има една многу популарна дефиниција за демократијата што често ја употребуваат и француските државници, и француските интелектуалци, и обичните смртници, таа дефиниција е следнава: „Демократијата е право на секојдневен државен удар“. Таа стана и наслов на една од книгите на поранешниот француски претседател Франсоа Митеран. Во таа смисла, за историјата е битно да се остварува идејата за слободата и дека секоја опозиција треба да мисли како би се однесувала кога би била власт и секоја власт би требало да мисли што треба да направи од таа позиција кога не би била на власт. Тоа е проблемот на голем број европски земји, вклучително и на Македонија.
Основач сте на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА. Предавате креативно пишување на светски универзитети. Во ек се реформи на високото образование. Кој е Вашиот ставот за државниот испит?
ПЛЕВНЕШ: Една мисла беше голем подвижник во мојата мисија при формирањето на првиот Универзитет за аудиовизуелни уметности во Југоисточна Европа, а тоа беше мислата на Томас Џеферсон кој во два мандата бил претседател на САД и потоа учествувал во формирањето на Универзитетот во неговата родна Вирџинија. Имено, Џеферсон рекол дека е потешко да формираш универзитет отколку да бидеш претседател на Соединетите Американски Држави. Сите други универзитети што ги спомнувате во Америка и во Европа, каде што сум имал чест да предавам креативно пишување, ги имаат исклучено придавките државен и приватен од нивниот административен и правен речник. Јас ги поддржав реформите во високото образование иако знам дека тие ќе бидат болни и долготрајни, но кога ќе се заокружат, со тек на потребното време за нивно спроведување, тие ќе го еманципираат македонскиот научен, истражувачки и духовен хоризонт на европско и на светско ниво.
Од аспект на културата, на творештвото, Македонија оваа година очекува бројни филмски премиери. Се вложува во театарската уметност, во инфраструктурата. Вашата „Вечна куќа“ го отвори новото здание на театарот во Скопје. И Велес доби театар, се поддржуваат различни културни проекти. Може ли да се направат споредби, првенствено споредба за тоа колку се посветува внимание за културата во минатото и сега во Македонија, за потоа да се направи споредба со културните центри во светот, Москва, Париз, Њујорк, да не ги набројуваме…
ПЛЕВНЕШ: Факт е дека во последните неколку години се вложува многу од страна на државата во македонската култура. Се изградија прекрасни инфраструктурни објекти на различни институции бидејќи местото на народите во светската историја го одредува нивната култура. Во една пригода таткото на Европа, Жан Моне, рекол: „Ако повторно треба да се гради Европа, треба да се почне од културата“. Ако повторно треба да се гради идејата за Македонија во светот, треба да се продолжи со нејзиното присуство не само во центрите како Москва, Париз и Њујорк, туку и во сите големи центри од типот на Њу Делхи, Пекинг, Токио, Рио де Жанеиро…
Универзитетот за аудиовизуелни уметности дава исклучителен придонес кон афирмација на македонската култура во светот со Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа (SEE), кој го организираме во Париз и во Берлин (www.seeaparis.com), кој е прозорец и на македонската и на другите култури од Југоисточна Европа, кој нѐ потсетува на мислата на Никола Бувие дека Балканот е срцето на Европа.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Игор Ангеловски
(Интервјуто со Јордан Плевнеш е објавено во 124. број на неделникот Република, 16.01.2015)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Промоција на новата книга на Киро Урдин „1.500 афоризми во една точка“
-
Предавање на професорот Далмеида од Сорбона на тема „Светската пропаганда и манипулација – некогаш и сега“
-
Серија предавања на Јордан Плевнеш на Сорбона
-
Плевнеш избран за редовен член на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите


