Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, денеска оствари средба со Хашим Тачи, потпретседател на Владата на Република Косово и министер за надворешни работи.
Соговорниците разговараа за реформите што се спроведуваат во двете земји, европските и евро-атлантски интеграции и можностите за натамошно унапредување на односите во сферите од заемен интерес.
Двете страни ја истакнаа својата стратегиска определба за членство во Европската унија и НАТО, нагласувајќи дека тој пристап е најдоброто средство за обезбедување натамошен напредок на регионот.
Стана збор и за подготовките за одржување на заедничка владина седница меѓу двете земји, на која би се разговарало и за конкретни проекти за унапредување на соработката.
Се разговараше и за реализацијата на инфраструктурни проекти од регионален контекст, со чија што реализација ќе се унапредат условите за засилување на трговската размена и ќе се има позитивно влијание за економскиот пораст и отворањето нови работни места.
Акцент беше ставен на можностите за продлабочување на економските односи за што постои сериозен потенцијал. Во оваа функција по средбата беше потпишан Договор за заемно поттикнување и заштита на инвестициите, кој во име на нашата земја го потпиша Зоран Ставрески, заменик претседател на Владата и министер за финансии.
Со потпишувањето на овој договор се воспоставува правна рамка која на инвеститорите им ја гарантира сопственоста и правата кои произлегуваат од сопственоста. Постоењето на ваков договор е еден од најважните предуслови за стимулирање на деловните иницијативи и привлекување на инвеститори меѓу двете држави, со што би се придонело во претстојниот период да се зголеми бројот на деловни односи и инвестиции помеѓу субјектите од двете земји.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.