| четврток, 6 декември 2018 |

Монодрамата за две жени „Алма Малер“ премиерно во МНТ

Претставата „Алма Малер“ е копродукција меѓу „Арт-маркетинг“ и на МНТ. Сценографијата е на Васил Зафирчев, костимите се на Тања Кокев, а изборот на музиката од Малеровите симфонии е на Васил Зафирчев и на Сашо Димоски

alma maler

Монодрамата за две жени и за удвоен симфонски оркестар „Алма Малер“ ќе има премира во Македонскиот народен театар (МНТ) на 28 јануари во 20 часот во балетската сала. Режисер на драмската адаптација на истоимениот роман на Сашо Димоски е Васил Зафирчев.

Ова е втор проект меѓу Димоски и Зафирчев по „Дневникот на хулиганот“ .

Издавачката куќа „Култура“ го издаде романот на Димоски „Алма Малер“.

– И по третото читање на романот на Димоски тој буди неверојатни емоции. Романот се чита многу лесно и е сосема поинаков текст од „Дневникот на хулиганот“. Моментно Димоски е најчитаниот македонски автор во „Култура“ и оваа, 2015 година ќе ја крунисаме со третото дело на Димоски „Петтото годишно време“ – изјави директорката на „Култура“, Ана Китанова.

Димоски објасни дека романот е структуриран во 10 глави, кои соодветствуваат на десетте симфонии што ги напишал Густав Малер.
Претставата „Алма Малер“ е копродукција меѓу „Арт-маркетинг“ и МНТ. Сценографијата е на Васил Зафирчев, костимите се на Тања Кокев, а изборот на музиката од Малеровите симфонии е на Васил Зафирчев и на Сашо Димоски.

Раскошната Алма Малер (1879-1964 г.) им била сопруга на композиторот Густав Малер, архитектот Валтер Гропиус и на писателот Франц Верфел, но и муза на сликарот Густав Климт. Таа била и мошне надарена композиторка, а нејзиниот салон бил еден од највлијателните во Виена.

Главниот лик во различни етапи од животот го толкуваат актерките Милица Стојанова и Звезда Ангеловска.

– Општо, книжевноста и драмската литература не само кај нас, туку и пошироко многу ретко се занимаваат со третирање на олку моќни, раскошни и богати женски биографии, каква што е биографијата на Алма Малер, една од најголемите и највлијателни европски дами на крајот на 19 и почетокот на 20 век. Тоа што за мене беше најпровокативно зошто токму ги избрав Милица и Ѕвезда беше не само нивниот актерски сензибилитет, туку, пред сè, нивниот сериозен животен багаж, затоа што длабоко во себе бев уверен дека тоа е пресудното за да може да се изгради еден лик каков што е Алма Малер така како што е напишан. Тие двете се актерски навистина и многу слични и многу различни со свој автентичен автохтон изграден актерски манир. Тој ги прави апсолутно препознатливи – изјави режисерот на претствата, Зафирчев.

Доајенот на македонското глумиште Милица Стојанова во монодрамата за две жени го толкува ликот на Алма Малер во повозарсни години.
– Пред година и нешто ми понудија дека треба да ја играм оваа улога. Прво ме фати паника од комплексноста на улогата, но откако го прочитав текстот ме зароби до тој степен што јас не знаев кога е ден кога е ноќ, да живеам со Алма, да се обидам да ги почувствувам сите нејзини случувања во тој живот нејзин, сите нејзини трауми, задоволства и трпеливост да го изживее животот – рече Стојанова.
Актерката Ѕвезда Ангеловска рече дека се работи за претстава во која темата е уметност.
– Жената Алма Малер, односно сопругата на Густав Малер, која била талентирана, морала да го препознае тој талент. Тоа е една таква комплексна биографија која со секоја нова изведба се надевам ќе ни открива и нови простори – изјави Ангеловска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top