| четврток, 6 декември 2018 |

Обвинетиот за убиството на Ангел призна дека го украл велосипедот, условно казнет на една година

Условна казна од една година, доколку во следните три години не стори ново кривично дело, пресуди денеска Основниот кривичен суд  за Насер Ештрефи, кој е обвинет за кражба и за убиство на матурантот Ангeл Петковски, убиство кое се случи на 19 мај минатата година. Судскиот процес за обвинението за убиство продолжува.

Naser Esterfi 4 (Custom)

Обвинетиот Ештрефи призна дека е виновен за кражба на велосипедот од дворот на Петковски во скопската населба Ѓорче Петров. По неговото признание беше одлучено да се раздвојат судските постапки.

Судењето продолжи со емотивно сведочење на мајката и на таткото на Ангел, кој бил присутен за време на убиството на својот син. Според нив, ова не била единствена кражба на велосипед од нивниот дом, претходно три пати им краделе велосипеди, а сторителите не биле пронајдени.

Naser Esterfi 3 (Custom)

Според обвинителството, обвинетиот влегол во дворот од куќата на Петковски и го украл велосипедот. Младиот Ангел и татко му, Сашо Петковски, го здогледале, по што тој почнал да бега. По некое време, кај железниот мост на реката Вардар, што води кон Сарај, Ангел и Сашо го здогледале обвинетиот и го препознале, таткото тргнал накај него, а обвинетиот во моментот извадил нож од под појасот и го прободел Ангел. Татко му во обид да го одбрани пронашол дрвен стап и му нанел телесни повреди на обвинетиот, кој успеал да избега.

Сашо заедно со повредениот син се упатил накај Европската општа болница во населбата Ѓорче Петров да бара помош, но кога стигнале таму Ангел веќе им подлегнал на повредите.

– Тука заврши неговиот живот, на тие скали. Пред очи ми се тие слики ­и денеска – сведочеше таткото Сашо Петковски.

Адвокатот на Насер Ештрефи истакна дека одбраната ќе се водат по правото на нужна одбрана, бидејќи тоа не претставува кривично дело.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top