Кирил Лазаров одлично го познава хрватскиот ракомет, а во еден период беше член на Загреб, заедно со селекторот на „каубоите“ Славко Голужа. Во изјава за хрватските медиуми вели дека во македонскиот табор нема никаков посебен притисок, ниту императив пред денешното дерби во Б групата на мундијалот во Катар.
„Одлично го познавам хрватскиот ракомет, кој е на светско ниво. Ништо не се променило во последниот период. Имате брзи крила и голема опасност демне од контри и полуконтри. Хрватска има корпулентни ракометари и висока одбрана, а најважно е да не дозволиме да влеземе во нивниот ритам и да не дозвлолиме да примаме голови од брзи противнапади“, вели Лазаров.
Токму на Светското првенство во Хрватска пред 6 години, Лазаров стана крал на стрелците со 92 гола на 9 натпревари, а македонската авантура на тој мундијал беше една од најсимпатичните ракометни приказни во последно време. Сега целта е малку повисока, да се стаса до квалификации за пат во Рио Де Жанеиро. Дотаму води победата во осминафиналето, односно триумф на стартот од нокаут фазата.
„Македонија има шанса да биде прва во групата, иако потсвесно знаеме дека Хрватска е фаворит. Тие секогаш атакуваат на медали, а ние овојпат ја кренаме летвичката малку повисоко и сакаме да се пласираме во квалификациите за Летните олимписки игри во 2016 година. Имаме квалитет за да ја оствариме целта“, изјави Лазаров.
Денеска од 17 часот против своите стари пријатели Хрватите, Лазаров ќе биде екстра-мотивиран за подвиг и за освојување на позицијата број 1 во Б групата, што носи полесен противник во осминафиналето.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



