Илјадници Аргентинци излегоа на улиците во земјата протестирајќи поради смртта на специјалниот државен обвинител Алберто Нисман.
Демонстрантите се собрале на повеќе локации во Буенос Аирес, меѓу другото и пред претседателската палата, како и во други аргентински градови. Тие носеле транспаренти и извикувале „Доста со лагите!“ и „Ние не се плашиме!“.
Аргентинскиот специјален државен обвинител Алберто Нисман, кој минатата недела ја обвини претседателката Кристина Фернандес за прикривање докази во случајот на најсмртоносниот терористички напад во земјата од 1994 година, е пронајден мртов во својата куќа.
Истражниот обвинител Вивијана Фејн изјави дека врз основа на наодот од обдукцијата нема индиции дека се работи за убиство.
Според секретарот за јавна безбедност Серхио Берни, наодот „укажува на самоубиство“.
Нисман (51) беше определен да ја раководи истрагата за терористичкиот напад од 1994 година, кога од подметната бомба во Еврејскиот центар во аргентинскиот главен град, беа убиени 85 лица, а други 200 беа полесно или потешко ранети.
Првичната истрага за нападот укажуваше дека зад нападот стои Иран, што оваа земја категорично го негираше. Укажувањето на вината кон определени ирански кругови остана, па Техерен со години бараше од аргентинските власти да го тргнат обвинувањето инсистирајќи дека Иран нема ништо заедничко со терористичкиот напад во Буенос Аирес.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.